Нигерискиот претседател Мухамаду Бухари вчера се обиде да ги демантира гласините дека починал поради сериозни здравствени проблеми и дека е заменет со двојник, кој дошол од Судан.

– Наскоро ќе го прославам 76-иот роденден и ќе продолжам да се чувствувам добро. Многумина се надеваа дека сум починат поради проблемите со здравјето. Не сум мртов, ова сум вистинскиот јас, изјави Бухари.

Според нигерискиот претседател, луѓето што ги шират гласините за неговата смрт се неуки.

Бухари јавно се огласи со демант откако веќе неколку месеци на социјалните мрежи се шират гласини дека тој е починат и дека е заменет од измамник по потекло од Судан со име Џубрил.

Ваквите тврдења се шират низ социјалните мрежи, иако досега никој не ги поткрепил гласините со докази за смртта на претседателот.

Бухари најави дека следната година ќе се бори за втор претседателски мандат. Поголемиот дел од 2017 година тој ја мина во Лондон, каде што се лекуваше. Властите досега не соопштија од што боледувал Бухари.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/12/2018 10:10