Продолжува практиката на криволов на риба од Охридското Езеро, што значително го загрозува рибниот фонд.

Вчера попладнето кај населбата „Лагадин“ полицијата го привела А.П.(29) од охридското село Пештани. Приведувањето било извршено во момент кога тој, од метално кајче со кое пристигнал на брегот на езерото, пренесувал пластична гајба со две рибарски мрежи и 95 парчиња риба охридска белвица.

Уловот е одземен и предаден во Хидробиолошкиот завод од Охрид.

Многупати е посочено од експертите дека токму криволовот, како и недоволната физичка заштита се главните фактори за намалувањето на рибниот фонд во Охридското Езеро, особено на ендемските видови риба кои се и најскапи на црниот пазар. Инаку, овој период најмногу на мета на дивокрадците е белвицата, оттаму што таа риба е неизоставен дел од традиционалната светиниколска трпеза.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/12/2018 12:17