Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО се подготвуваат да ја осудат Русија за кршење на Договорот за неширење на ракетите со мал и среден дострел, склучен помеѓу Москва и Вашингтон во 1987 година.

Заедничката изјава на министрите, подготвена на иницијатива на САД, ќе биде разгледана на дводневната министерска средба на НАТО, што почнува утре во Брисел.

САД најавија повлекување од Договорот во октомври и како причина за тоа Белата куќа обвини дека Русија наводно не ги почитува договорените одредби.

Според Вашингтон, Москва не ги почитувала обврските „да не произведува и не развива крилести ракети земја-воздух со дострел од 500 до 5.500 километри, и да не поседува и не произведува опрема за лансирање на такви ракети“.

Откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека САД се повлекуваат од договорот, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг укажа дека постои загриженост помеѓу сојузниците. – Руските ракети се закана за целата алијанса, изјави тогаш Столтенберг.

Франција и Германија во меѓувреме истакнаа дека Европа е во опасност ако Русија и САД започнат да користат ракети со мал и среден дострел и ќе се под закана каква што постоеше во 80-тите години на минатиот век.

Договорот за ликвидација на овие ракетни системи беше склучен помеѓу Москва и Вашингтон во 1987 година. Од 2013 година САД започнаа да ја обвинуваат Русија дека го прекршува договорот, иако Вашингтон досега не изнесе конкретни докази за тоа.

Германски „Шпигел“ во петокот објави дека САД сепак одлучиле да споделат со сојузниците дел од доверливите материјали собрани од американските разузнавачи за тоа дека Русија навистина не ги почитува обврските од договорот.

– Само две земји во светот се поврзани со Договорот за ликвидација на ракетите со мал и среден дострел, и едната од нив го прекршува, изјави неодамна советникот за национална безбедност на претседателот на САД, Џон Болтон.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/12/2018 13:45