Живописните осоговски села изумираат. Во нив останале да живеат по неколку возрасни жители, а старите куќи, камењата, урнатите фурни говорат дека во нив пред неколку децении имало живот. Но, на ваквите приказни од овој крај им пркоси убавото и по многу нешта укикатно пробиштипско село Лесново. Единствена населба во земјава што лежи во јасно изразен и зачуван фосилен вулкански кратер и се вбројува меѓу најстарите села што не ја промениле својата положба со векови. На секој што ја видел убавината на овој крај му останува длабоко врежана во сеќавањето и едноставно го провоцира повторно да се врати и да ѝ се насладува.

Секој што го посетил овој крај мора да помине низ старата рударска населба Злетово, по што се продолжува по асфалтен пат. Полека се искачувате на надморска висина од 900 метри, а кога ќе пристигните на врвот, зад вас остануваат полето, планината Плачковица, а во далечината се гледа и Штип. Но, она што е пред вас се карпите и кога ќе направите неколку чекори ви се отвора несекојдневна убавина, од стари куќи, каде што доминира Лесновскиот манастир, патеки што ве водат во пештерските цркви.

Лесново на мапата на европските геопаркови

Лесново повторно е актуелно, но не по алтернативниот и манастирскиот туризам, туку по иницијативата да биде дел од европското семејство на геопаркови под заштита на УНЕСКО. Лесново и околината околу него се особено интересни за геолозите. Тим експерти веќе работат на апликацијата за прогласување на ова подрачје за геопарк. Универзитетскиот професор Ивица Милевски од Природно-математичкиот факултет во Скопје за првиот географски портал во Македонија пишува дека Лесново лежи точно во централниот дел на кратерот наречен Лесновски, според името на самото село, на околу 900 метри надморска висина. Поради таквата уникатна положба во однос на истакнатата вулканска купа и кратерот, селото е многу интересно и надалеку познато. Тој забележува дека познатиот географ Цвијиќ, Лесновскиот Кратер го споредува и со стариот кратер на Етна, Вале дел Бове.

-Сепак, мора да се напомене дека во активниот период, односно пред околу 25-30 милиони години, Лесновската Купа била многу повисока, а кратерот со поинаков изглед. Вулканот на овој простор се одликувал со силни, експлозивни ерупции, проследени со исфрлање големо количество пепел, гасови и густа, тестеста лава. Затоа во околината има значителни наслаги на туфови, траги од течење на лава, а има и појави на вулкански бомби, забележува Милевски.

Универзитетската професорка од Природно-техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Соња Липиткова, забележува дека според плановите во геопаркот ќе биде опфатен поширокиот регион на Лесново, сѐ до Куклица, каде што се наоѓаат познатите Камени Кукли. Според научната јавност, теренот е уникатен и заслужува да стане познат и во светот.

-Кратовско-злетовската вулканска област, покрај тоа што нуди рудна минерализација од обоени материјали, располага и со многу неметални карактеристики, карпи, кои по својот квалитет се специфични и се користат за разни намени, а од друга страна таму ги знаеме и пештерите во Лесново и она што се користело, како воденички камен, затоа што самата градба и составот на карпите тоа го овозможуваат. Од друга страна, таков вулкански состав имаат и Камените Кукли, кои во себе имаат и други типови карпи. Тоа е нешто што навистина претставува посебен феномен од вулканската активност и тоа е она што на поширокото подрачје сме работеле со години. Меѓутоа, тоа е сега посуптилно, подетално, вели Липиткова.

На македонскиот тим му помагаат и експерти од Хрватска и од Романија. Горан Радониќ од хрватскиот геопарк „Папок“ предупредува дека процесот е долг, но мора сѐ да се предвиди и заврши во утврдениот рок, бидејќи прогласувањето на Лесново за геопарк значи и брендирање на овој регион, со што економска бенефиција ќе има населението, но и туристички комплекси што работат во овој регион.

-Што е геопарк? Тоа е всушност простор што има исклучителна геолошка вредност на различни видови карпи. Но, исто така и некаква програма на одржлив развој на тоа подрачје, базирана на развојот на геотуризмот, преку развој на геолокални производи. Поврзувањето во семејството геопаркови носи бенефиции за финансирање, односно достапност за проекти, и тоа е многу важно. Исто така, важно е да се напомене дека сите геопаркови се наоѓаат на рурални подрачја каде што има депопулација, односно луѓето се генерално иселени, па ова е можност да се вратат назад да можат да произведуваат, да продаваат свои производи и да се занимаваат со рурален туризам, вели Радониќ.

Експертите ќе имаат работа околу една година за овој регион да се прогласи за геопарк, а на листата на УНЕСКО има вкупно 75 вакви паркови. Целата постапка до апликацијата ќе чини 12 милиони денари, а иницијативата на општините Пробиштип и Кратово, во соработка со Центарот за развој на Источниот плански регион, се реализира преку Програмата за зачувување на природата, финансирана од швајцарската Агенција за развој и соработка, а координарана од Фармахем.

Селскиот и манастирскиот туризам на Лесново

Но, покрај карпите и вулканските бомби, Лесново ги има и приказните за воденичките камења што се вадат токму од овие карпи, потоа за пештерските цркви. Во него постоело едно од најстарите училишта во Македонија основано во XI век. Во Лесново е создадена големата Лесновска Лавра, позната како најголема монашка република на Балканот. Приказната за четворицата монаси, кои токму од овие пештерски цркви тргнале да го шират православието. Според едно од житијата во средината на XI век во село Лесново живееле четворицата големи испосници: Свети Јован Рилски, Прохор Пчињски, Јоаким Осоговски и Гаврил Лесновски, кои подоцна заминале и ги изградиле познатите манастири во земјава и на Балканот.

Прогласувањето на живописното Лесново за прв геопарк ќе значи и поголем развој на руралниот туризам. Зоран Петров од НВО „Илински врв“ од Лесново, кој заедно со семејството повеќе од една деценија се занимава со селски туризам, забележува дека оваа иницијатива ќе значи и поголем број гости, но и подобро да се живее од овој вид туризам.

-Ние знаме дека во нашата околина геопарк има само Хрватска. Значи тоа не е инјекција, туку бомба ќе биде и за туризмот и за нас како невладини здруженија или што работиме селски туризам за пристап до европските фондови. Во секој случај, многу ќе значи, вели Петров.

Семејството Петрови е единственото во овој регион што навистина се занимава со селски туризам. Одгледуваат стока и земјоделски производи, а на туристите од Јапонија, Америка, Австралија, Нов Зеланд и од европските земји им нудат македонски специјалитети приготвени на традиционален македонски начин или по рецептите на бабите. Петров вели дека засега тешко се егзистира од руралниот туризам, а со оваа дејност продолжува и неговиот син. Шансата за подобра егзистенција ја гледа во прогласувањето на Лесново за прв геопарк во земјава под заштита на УНЕСКО.

Викторија Јованова-Димитрова



Автор: Администратор
Објавено на: 03/12/2018 16:23