Меѓународниот Ден на лицата со попреченост 3 Декември беше одбележан во неготинска „Порака“, Центар за помош на лица со ментален хендикеп, кој веќе неколку години го спроведува процесот на деинституционализација, извлекување на лица со хендикеп од гломазни институции и сместување во станбени единици како семејства, од по неколку членови.
-Во денешните активности учествуваа корисници, стотина лица од станбените единици од Неготино и скопско Волково. Целта е заедничко дружење и испраќање на порака дека и лицата со попреченост заслужуваат шанса. Затоа што тие покажаа и докажаа дека умеат и можат, исто како и другите луѓе. Само треба да се препознае нивниот потенцијал и да им се даде доверба, велат од неготинска „Порака”.
Оттаму нагласија дека радува фактот што социјализацијата на овие лица во општеството е се поголема, а тие се повеќе го заземаат местото кое го заслужуваат.