Општина Струмица го стави во функција специјалното возило за превоз на лица со попреченост, донација од Владата на Република Бугарија. За градоначалникот на Коста Јаневски, со тоа се зголемува мобилноста на лицата со попреченост.
– Со возилото ја подобруваме пристапноста до институциите што им се потребни на лицата со попреченост и на тој начин им го олеснуваме животот и продолжуваме со отстранување на наредните пречки. Се обидуваме со овие лица, наши сограѓани да извлечеме максимум за нив, бидејќи знаеме дека нашата заложба е да пронајдеме што е тоа што тие лица можат да придонесат за нашето општество, а не тоа што не можат да го направат. Тоа што не можат да го направат ние сме тука за да им помогнеме за да да го направат тоа што го знаат и да бидат корисни – рече Јаневски.
Тој додаде дека општината има донесено правилник за користење на специјалното возило, обезбеден е возач на возилото и лиценциран соработник кој ќе помага во транспортот на лицата со попреченост.
Сспецијалното возило за превоз на лица со попречност бугарската влада го донираше лани во ноември при одржувањето на заедничката седница на владите на Македонија и Бугарија во Струмица.