Ковчегот со посмртните останки на поранешниот претседател на САД Џорџ Херберт Вокер Буш пристигна во Вашингтон.

Поранешни министри од времето на Буш, заедно со неговите роднини, меѓу кои беше и неговиот син Џорџ В. Буш, како и двегодишпниот лабрадор Сели, се симнаа од претседателскиот авион во базата „Ендрјус“ кај Вашингтон.

Наместо називот „Ер Форс 1“, кој се користи само кога актуелниот претседател е во авионот, леталото привремено беше преименувано во „Специјална воздушна мисија 41“ во знак на почит кон 41-от претседател, кој почина во петокот на 94-годишна возраст .

Ковчегот на поранешниот претседател, кој бил пилот за време на Втората светска војна, го изнесоа униформирани претставници на различни единици на американските вооружени сили во придружба на воен оркестар и почесна топовска стрелба.

Потоа ковчегот беше однесен до Капитол и е изложен на централната сала на зградата на Конгресот на САД, Ротондата, каде говори одржаа лидерите на Сенатот, на Претставничкиот дом и заменик-претседателот Мајк Пенс.

Вратите на салата подоцна беа отворени и за пошироката јавност. До утрешниот погреб, покрај ковчегот е поставена почесна гарда.

Американскиот претседател Доналд Трамп и првата дама Мелани, кои не присуствуваа на церемонијата на која говореа сентори и Пенс, малку подоцна му оддадоа почит на починатиот поранешен претседател Џорџ Х.В. Буш.

Републиканецот Буш јасно стави до знаење дека тој не гласал за Трамп во 2016 година. Но, актуелниот претседател инсистираше да му се дадат сите почести, па и претседателскиот авион со кој беа пренесени посмртните останки во Вашингтон.

– Животот на Џорџ Х. В. Буш беше олицетворение на она што ја прави Америка навистина извонредна, изјави Трамп за 41-от американски претседател.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/12/2018 10:16