Во рамките на Дримскиот процес, денеска и утре во Атина се одржува работен состанок на експерти од сите земји на Дримскиот басен – Македонија, Албанија, Црна Гора, Косово и Грција. Експертите ќе работат на анализа на причинско-последичните врски на проблемите во Дримскиот басен и суб басените на езерата Охридско, Преспанско и Скадарско.
Исто така, ќе се утврдуваат причините за нарушувањето на квалитетот на водите во басенот, нарушувањето на биодиверзитетот, варијабилноста на хидролошкиот режим и транспортот на седимент, во прекуграничен контекст, но и ќе се утврдуваат и активности за реакција и спречување на причините. Целата анализа е придонес во изработката на Стратешкиот акциски план за сливот на реката Дрим, што ќе биде документ кој државите ќе го преговараат во контекст на приоритетите за заштита и управување на целиот слив, но и неговите под-сливови. Состанокот е организиран и воден од страна на Глобалното партнерство за води – Медитеран кој е егзекутивен спроведувач на ГЕФ Дримскиот Проект.