Дали знаете која е најголемата и најактивната група учесници во сообраќајот? Доколку не го знаете одговорот, тој е - пешаците. Во рамките на секојдневните активности, секој човек, покрај со автобус, автомобил, мотор, велосипед, секојдневно и најчесто, во сообраќајот е вклучен во улога на пешак. Наутро до продавница по леб, до комшии, до училиште; од кола, преку пешачки, на работа...
Како активни учесници во сообраќајот, пешаците мора да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, исто и како кога учествуваат во сообвраќајот во улога на возачи, мотоциклисти и велосипедисти. За жал, искуствата покажуваат, голем дел од пешаците не се свесни за фактот дека и тие се активни учесници во сообраќајот, па сликата на улиците, од прилика изгледа вака: улицата се преминува надвор од пешачки премини, најчесто таму каде што ним најмногу ѝм одговара, каде што ѝм е најкраток патот, го претрчуваат коловозот иако го сочинуваат две, па и три ленти, прескокнуваат жардиниери и огради, претрчуваат на црвен пешачки семафор итн.
Но, не претрчуваат сите. Има и такви кои се движат бавно, со слушалки на уво, без да гледат лево десно и без да слушаат што се случува во сообраќајот. За некои, пешачкиот премин е модна писта, за некои, место за добар разговор ако случајно се сретне стар познаник. За некои, движењето помеѓу возилата и помеѓу двете коловозни ленти претставува обична рутина со која вешто се справуваат.
„Секакви луѓе со секакви навики“, но мал е бројот на тие кои ги почитуваат правилата и прописите, кога се движат по тротоарите и преминуваат преку улиците.
Фактите велат дека пешаците се најмалку казнувани и најмалку контролирани учесници во сообраќајот. Нивното однесување е препуштено на личната одговорност, свест и совест, како и на нивната сообраќајна култура.
Статистиката вели дека: Во 2018 година, заклучно до месец септември, повредени се 626 пешаци, а загинале 17 пешаци, Во 2017 година, 914 пешаци биле повредени, а 34 загинале, Во 2017 година, на возраст над 65 години, загинале 17 пешаци.
Пешаците најчесто страдаат во сообраќајни незгоди во услови на намалена видливост (магла), во раните утрински и во доцните вечерни часови, на неосветлени коловози или на неосветлени пешачки премини.
Анализите покажуваат дека бројот на пешаци кои страдаат во сообраќајни незгоди случени токму на пешачки премин е многу голем. Од една страна, има многу неодговорни возачи кои не ги почитуваат, ниту пешаците, ниту сообраќајните правила и прописи, но има и многу пешаци кои, исто така, неодговорно учествуваат во сообраќајот.
Она за што РСБСП апелира до возачите е дека нивна обврска е секогаш да се движат со особено внимание кога се приближуваат кон пешачки премин, да ја намалат брзината, да застанат и да ги пропуштат пешаците на пешачкиот премин. Но, тоа никако не значи дека пешаците имаат апсолутно право први да ја преминат улицата. Напротив, тие се должни да ја преминат улицата, откако ќе се уверат дека тоа може да го направат без да го загрозат својот живот, но и безбедноста и животот на возачите кои им доаѓаат во пресрет. Пешаците треба да бидат сто проценти сигурни дека возилото што наидува на нив, може навреме и безбедно да застане, за тие да ја преминат улицата.
Обостраното непочитување на ова правило, е причина број еден за сообраќајни незгоди во кои страдаат пешаците.
Црната статистика загрижува, загрижува тоа што секојдневно се случуваат сообраќајни незгоди во кои страдаат пешаци, загрижува фактот дека околу 25% од вкупниот број жртви во сообраќајни незгоди се пешаци.
Затоа, без изговори! Пешакот е активен учесник во сообраќајот. Почитувај ги сообраќајните правила и прописи, затоа што само тоа може да те заштити. Ниту еден изговор, ниту едно оправдување за непромислено однесување во сообраќајот, нема да ја промени црната статистика - потсетуваат од РСБСП.
Да, истото важи и за возачите. Без изговори, без оправдувања! Внимавајте на пешаците во сообраќајот. Така наложува Законот, така е хумано, така е етички - така е единствено исправно.