Асфалтирана е пристапната улица која води до спортскиот комплекс во Крива Паланка, со што комплетно се урбанизира реонот на овој дел од левиот брег на Крива Река.
– Општина Крива Паланка изврши асфалтирање на оваа пристапна улица до спортскиот центар, со што е асфалтиран пристапот од спортската сала „Бранители 2001“ до спојот со главната улица “Св. Јоаким Осоговски”, со вкупна должина од 300 метри. Ширината на сообраќајницата е од 3,5 до 4,5 метри, а дополнително е асфалтирана и површина 120 метри квадратни наменета за паркирање, лоцирана до мултифункционалното игралиште – информира службата за комуникација со јавност при локалната самоуправа на општина Крива Паланка.
Во спортскиот комплекс Крива Паланка се наоѓа фудбалски стадион со димензии за одигрување првенствени натпревари кој е во одлична состојба, повеќенаменско игралиште, тениски терени, спортска сала со капацитет за 400 гледачи. Комплексот е изграден на левиот брег на Крива Река, а е поврзан со ролерско-велосипедска стаза долж течението на реката, по десната страна, што претставува идеално место за развој на спортски туризам, наменет за припрема на тимови од различни спортови.