Македонскиот гудачки квартет „Вива стрингс“ имаше концертен настап во Кочани, во рамки на програмата „Нов културен бран“, при што се претстави со обработки на популарни рок, соул, фанк, рап и џез теми. Публиката имаше можност да проследи класични пребработки на хитови од АББА, Мајкл Џексон, Стинг, Квин, Ренди Крафорд и Ерик Клептон.

– Програмата што ја нудиме е несекојдневна, ова е нешто што во Македонија го работиме само ние, затоа што сметаме дека класичните инструменти преку ваквата музика треба да ги доближиме до обичниот граѓанин кому секојдневно му се нуди турбо фолк. Зедовме мотиви од хитови, направивме обработки и аранжмани за квартетот, а целата програма содржи композиции коишто се наши, авторски, работени врз основа на популарни песни, истакна Дејан Теодосиевски, член на квартетот „Вива стрингс“.

Според академските музичари од „Вива стрингс“, публиката не е навикната да сретне гудачки квартет со ваков музички израз, затоа што вообичаено се очекува класична музика, но по изведбата секогаш следува воодушевување, што се докажа и во Кочани.

Покровител на концертот беше Министерството за култура на Македонија, со поддршка од општина Кочани и од Центарот за култура „Бели мугри“.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/12/2018 16:26