Општина Велес прва во Македонија ќе добие План за одржлива урбана мобилност според стандардите на Европската Унија, наведе градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски, посочувајќи дека планот претставува комплексна стратегија за развојот на урбанизмот, сообраќајот, енергетската ефикасност и екологијата,а со цел да обезбеди полесен и поубав урбан живот за граѓаните.

Информираше дека за, како што ја оквалификуваше, една од најамбициозните стратегии на Општина Велес, тендерската постапка за планот за одржлива урбана мобилност е завршена, а тендерот за изработка на документот го добила компанијата „АПИА“ ДОО од Љубљана.

– Очекуваме по потпишувањето на договорот што ќе се случи неделава во Словенија, експертите да започнат со работа – појасни Коцевски.

Тој денеска замина за Љубљана заедно со македонскиот експерт Јован Христовски од Факултетот за технички науки при универзитетот „Мајка Тереза“ и еден претставник од одделението за урбанизам на Општина Велес.

Покрај потпишувањето на договорот целта на студиската посета е на лице место да ги видат искуствата на Љубљана во одржливата урбана мобилност.

Инаку во рамките на студиската посета, оваа делегација на 6 и 7 декември во Загреб ќе биде дел од собирот за одржлива урбана мобилност на ЦИВИНЕТ мрежата на градови од Југоисточна Европа каде членува и Општина Велес.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/12/2018 18:32