– Група граѓани вечерва протестираат пред корисничкиот енерго центар на ЕВН Македонија на улица „Босна и Херцеговина", изразувајќи незадоволство од прекините во снабдувањето со електрична енергија. Поради протестот блокирана е крстосницата на ул. „Ќемал Сејфула" со ул „Босна и Херцеговина" во населба Шуто Оризари.

Портпаролот на ЕВН Атанас Ковачевски за МИА изјави дека со падот на температурите последните неколку дена има прекини во снабдувањето со електрична енергија на бул. Македонско-косовска бригада во населбата Шуто Оризари поради неконтролираното и кај одредени корисници нелегално користење на електричната енергија.

-Во овој регион се детектирани злоупотреби во мрежата од страна на корисниците и секако дека за време на зимскиот период кога потрошувачката е поголема, се случуваат прекини во снабдувањето со електрична енергија. Потребно е да се направи реконструкција на нисконапонската дистрибутивна мрежа, а таа ќе може да се направи кога корисниците ќе им дозволат на вработените на ЕВН Електродистрибуција да работат. ЕВН не е проблем за оваа ситуација туку напротив, ЕВН е решение за истата. Со реконструкцијата на мрежата ќе се стабилизира снабдувањето и ќе се стави ред во потрошувачката на електрична енергија, вели Ковачевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2018 00:12