Љубовта и страста кон автомобилите што започнале во детството прераснале во предизвик да се успее во автомобилската индустрија. На почеток тоа било запознавање со тридимензионална визуализација. По десет години истражувања и „висење“ пред компјутер и голем ентузијазам, еден млад гостиварец доби потврда и подотворена голема врата за влез во светот на автомобилизмот.
Редизајнот на „застава 100“ го направи популарен
Михаел Мерклер (27) од Гостивар од неодамна ја заинтригира јавноста со неговиот дизајн за стариот „стоеден“ (застава 101). Токму овој модел, што во минатиот век бил исклучително популарен во некогашната СФРЈ, беше негова инспирација. Редизајнот одекнал силно, па неколку автомагазини направиле интервју со него.
Иако ни одблизу не наликува на неговиот претходник, новиот дизајн наиде на позитивни реакции во медиумите што се занимаваат со автомобилизам.
– Подолго време поставувам дизајни на автомобили на специјализирани веб-страници, но откако го претставив дизајнот со мојата визија за моделот „југо 311“, кој кај нас беше познат како „стокец“ или „стоеден“, станав повидлив за јавноста. Некои медиуми овој концепт го пренесоа како забава и „лажна вест“, но имаше и сериозни анализи и критики на релевантни познавачи, вели Михаел.
Инспирацијата дошла како револт на репутацијата што „застава“ ја стекнала низ годините. Тоа дотолку повеќе што првиот автомобил во семејството бил сина „застава 101 ГТ“. Сакал да ѝ даде нов сјај на детската љубов.
На повидок прв автомобил во производство
Михаел, кој гостиварци го знаат како Мики, не е непознат во светот во кој владее бескомпромисна и силна конкуренција. Првиот позначаен успех го имал пред две години со модел на шведскиот производител „Кeнигсег“. Со неговиот познаник Дејан Христов од Скопје прифатиле предизвик да направат нов дизајн за овој произведувач. Дејан ги направил скиците, а Мики сето тоа го преточил во 3Д-форма. Објавата ја забележал Украинецот Андреј Чајковски, кој сакал да инвестира во производството на тој модел. На авторите им платил 2.300 евра, што за Мики бил првиот позначаен хонорар за неговата работа.
– Во моментите на воодушевување го прифатив понудениот износ, но подоцна сфатив дека тоа вреди многу повеќе. Но, сепак, од парите е поважно дека ќе дизајнирате модел што во историјата ќе ве внесе како автор. Тоа всушност ми е и главната цел, да направам дизајн за автомобил што ќе се произведува, појаснува Мики.
Целта е на повидок, од неодамна стапил во контакт со Либанец, кој има бизниси во повеќе земји и сака да инвестира во автомобилската индустрија. Во моментов работи на концепт на суперавтомобил на електричен погон. Дизајнот е готов, а инженери веќе работат на прототипот. Тука гледа шанса и отскочна штица за влез во светот што отсекогаш го фасцинирал.
– Постојано сум во контакт со инженерскиот тим, бидејќи некои технички решенија бараат и измени на дизајнот. Тоа не е лесна работа, со оглед дека до овој момент се детализирани над две илјади делови. Ако треба да се смени нешто на кокпитот, тоа повлекува измена и на други елементи. Така што, сѐ мора да биде милиметарски точно за да се состави моделот и да се произведе прототип. Заради тајноста и обврските кон целиот проект, не можам да дадам повеќе детали ниту да го објавувам моделот, појаснува Мики.
Без формална диплома до експерт за тридимензионална визуализација
Ова момче, кое плени со скромноста, воодушевува и со упорноста да се постигне нешто и да се направи повеќе од животот во провинција. Нема формално образование од дизајн или архитектура. Неговата последна диплома е средношколска. Работи во една гостиварска градежна фирма во која изготвува модели со визуализација на структурални фасади, застаклувања. Негова задача е да ја преточи замислата на инвеститорите и архитектите во нешто видливо, со што потенцијалниот клиент полесно би се одлучил за нарачката. Тој е убеден дека упорноста и вложеното во знаењето се исплатливи и нагласува дека може да се успее ако се има мотивација и ако ја сакаш работата.
– Моите почетоци во 3Д-дизјанот се од пред 15 години. Тогаш тоа беше тешко, бидејќи немаше кој да ми покаже како една програма како „3Д-макс“ функционира. Сѐ правев сам и истражував 4-5 години додека ги совладав алатките. Тоа познавање ми овозможи да се вработам во фирмата во која уште работам.
За да влезе во светот на дизајнот особено го инспирирала приказната на гостиварецот Горан Игор Бундалески. Тој пред петнаесетина години како студент со неговите колеги од Машинскиот факултет го направи првиот македонски спортски автомобил и освои награда.
Иако Мики е на прагот на голем успех, тој сепак има скромни очекувања. Повеќе од сигурно е дека ќе набави некоја „ѕвер-машина“ за да биде поефикасен. Правењето 3Д-проекти изискува компјутери со силни перфоманси, а таквите достигнуваат вредност од повеќе илјади евра. Не е сигурен дали ќе прифати понуда за да замине од Македонија, но доколку е добра, сепак би прифатил таков предизвик. Засега останува во Гостивар и се бори со пронаоѓање доволно слободно време за да ги исполни барањата и нарачките што му пристигнуваат.
Во меѓувреме ќе се бори со идеите што го очекуваат пред празниот компјутерски монитор и поделените четири полиња.
Зоран Г. Маџоски