Работните места одземаат животи во Македонија, а состојбата во регионот не е многу поразлична. Оттаму иницијативата на државите од регионот за поактивно справување со причинителите што доведуват до несакани последици на работните места, преку изготвување Регионална студија.

Студијата како документ треба да даде преглед на ситуацијата во регионот во однос работните услови, безбедноста и здравјето при работа и да ги проектира потребите на граѓанските организации вклучени во креирањето и процесот на донесување одлуки на регионално ниво. Во креирањето на тој документ ќе се земат предвид клучните стратешки цели на Стратегијата за безбедност и здравје при работа на ЕУ 2014-2020.

-Голем дел од активностите ги спроведуваме во директна соработка со државните институции така и со социјалните партнери – синдикатите и работодавачите, како и експертската јавност. Во изработката на студиите беа вклучени голем број експерти, особено оние со долгогодишно искуство во областа на безбедноста и здравјето при работа. Тоа е долг, континуиран процес што трае се додека во некои идеални услови не се обезбеди беспрекорно работно место што нема да му штети на работникот, појасни Милан Петковски, претседател на Македонското сдружение за заштита при работа.

Најголем дел од работниците во Македонија се уште немаат претстава што значи превентивно да се делува за безбедно работно место. Тие се сретнуваат со безбедноста и здравјето при работа откако ќе се случи некоја несреќа, но тоа е веќе активност во насока на остварување на некои социјални права.

Она што беше посочено е потребата да се разговара за проблематиката, да се работи на едукација на луѓето дека ниту една работа која се случува нема да мине без последици, дека секогаш кога се постапува непромислено, независно дали се работи од аспект на работодавач или работник, секогаш ќе се соочуваме со последици што честопати во областа на безбедноста и здравјето при работа не можат да се вратат назад.

-Огромен дел од луѓето не се свесни дека заболувањата што ги стекнуваат во текот на целиот работен век, се обидуваат да ги поправат работите во старите години. Затоа честопати има луѓе кои очекуваат да одат порано во пензија за да го одржуваат тоа малку здравје што им останало, а што го оштетиле или вложиле како компромис додека биле во работен однос, рече Петковски.

Тој уште истакна дека кај работодавачите веќе полека се надминува отпорот дека грижата за безбедноста при работа и здравјето на работниците е само репресивна алатка на државата за изнудување средства од нив.

Здравко Мурати, претставник на Република Хрватска во проектот за Регионална студија за безбедност при работа, посочи дека треба да се работи токму на подигнување на нивото на свеста за потребата од заштита на работно место, пред се на превентивно ниво.

-Хармонизирањето на прописите за заштита при работа не е проблематично, туку имплементацијата на тие одредби. ЕУ дава иницијални насоки, но останува на нас да ги нсадградуваме прописите, да се надградуваме себеси. Некако се загубиме во административни преформулации, реструктуирања, постојано се занимаваме со организациски структури, со формата, а не со суштината. Заштитата на работно место не е тешка, но сериозна наука, посочи тој, притоа нагласувајќи ги постојаните инсистирања на ЕУ на поедноставување на прописите.

На тридневните разговори во Охрид учествуваат сите засегнати страни до државите на регионот, со регионални граѓански организации, високи делегати од Министерствата за труд и социјална политика, државни институции и медиуми.

Заклучоците и препораките ќе бидат доставени до граѓанските организации, националните влади, меѓународните и регионалните организации, Европската унија, Европската агенција за безбедност и здравје при работа, Институтот за безбедност и здравје при работа, Меѓународната организација на трудот, делегации на ЕУ, Европскиот парламент и други релевантни ЕУ институции.

Инаку, податоците што ги обработува Здружението за заштита при работа на Македонија покажува дека најголем дел од несреќите на работа се случуваат во земјоделството како дејност, со тракторот како убиец број еден.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2018 15:13