Селото Ваташа кое е споено со Кавадарци е почисто од градската средина, кога е загадувањето во прашање. Загадувањето е најголемо во новиот дел на градското подрачје, каде има големи згради. Ова се првичните информации од мерењата на трите нови мерни станици за квалитетот на воздухот во Кавадарци. Едната е во Ваташа, другата во строгиот центар на градот и третата на излезот кон Росоман. Имало денови кога било регистрирано и екстремно загадување.

-Наследивме еколошки проблеми меѓу кои и загадувањето, особено во зимскиот период. Годинава презедовме доста еко превентивни мерки. Субвенции за велосипеди, незагадувачки грејни тела и термо фасади, засадување на над десет илјади садници, бесплатно полнење на електрични возила. За занималните во градинка обезбедивме прочистувачи на воздух, а такво нешто планираме да направиме и за основните, па и за средните училишта, вели кавадаречкиот градоначалник, Митко Јанчев за МИА.

Некаде во јануари, најави тој, општината ќе ги има идејното решение и основниот проект за гасификација.

-Ќе формираме претпријатие за гасификација, чекаме да стигне гасот. Од подружницата на „Македонски шуми”, „Бор” од Кавадарци, ќе добиеме податоци колку семејства се греат на дрва и ќе направиме анализа колку од нив ќе можат да се прилагодат кон гас. Во јануари ќе ни стигнат и пет пробни уреди кои ќе се постават на колективни оџаци, за да ги задржат загадувачките честички. Се работи на повеќе сегменти. Се бориме да постигнеме нешто подобро, дециден е градоначалникот.

Инаку, по многу години, Кавадарци е на пат да добие Локален еколошки акционен план. Синоќа пред претставници од бизнис секторот беше презентирано што значи донесувањето на Локален еколошки акционен план, за да земат активно учество и да го финансираат овој план, кој би важел во наредните шест години. Јанчев вели дека е важно да се донесе и сите субјекти да се придржуваат кон него, за здрава животна средина.

Задоволство од состанокот изразува и Роберто Паризов, претседател на еколошкото друштво „Еко-живот”.

-Ние како регионален еколошки центар пет години се трудевме да го разбудиме вниманието на локалната и националната власт и сите други чинители, дека на општина Кавадарци и е неопходен ЛЕАП, во чија изработка ќе бидат вклучени стручни лица, нагласува Паризов.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2018 15:35