Најголем дел од младите иднината ја гледаат најчесто во странство, дури и при изборот на студиите, покажа средбата со средношколците од Охрид кои се дел од проектот „Креативни умови креираат иднина“. Според Јелена Петровска, библиотекар-советник од Битолската универзиетска библиотека „Св Климент Охридски“, средбата со охридските ученици ја потврди генералната слика што доминира во земјата и што ја покажаа и останатите работилници во други градови.
– За жал, можам да кажам само прашуваат како може да заминат во странство и таму да запишат студии. Ние им сугерираме дека Владата прави напори младите да ги задржи. Има изготвена национална стратегија за млади со која се сака тие да се задржат во земјата. Кажуваме дека има државни стипендии, дека на пазарот на трудот има многу дефицитарни занимања и дека може да се вработуваат и да напредуваат во кариерата и овде. Ги стимулираме да добиваат повеќе информации од нашата држава – вели Петровска. Таа смета дека младите имаат пристап до информциите, но некако талкаат при изборот. – Точно им посочуваме каде може да ги најдат информациите според нивните потреби. Во огромното море информации за да добиете вистинска информација ќе помогнат библиотеките кои ќе им дадат информации за да се направи правилниот избор – напоменува Петровска. „Креативни умови креираат иднина“ го спроведува Здружението за иновации во библиотечното работење „Инова Либ“ како обид да им помогне на учениците да направат вистински избор за студиите, односно да им укаже кои насоки се повеќе барани на пазарот на труд. Во проектот поддржан од Американската амбасада во Македонија, е вклучена и охридската Национална установа „Библиотека Григор Прличев “.