Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека наскоро ќе го придвижи законскиот проект за борба против семејното насилство, откако вчера десетици илјади Израелци протестираа во Тел Авив и ја обвинија Владата за неактивност по прашањето.
Нетанјаху и нареди на Владата денеска колку е можно побрзо да го покрене законот, кој предвидува осомничени или осудени домашни насилници да бидат следени со Џи Пи Ес (GPS) нараквици како гаранција дека ги почитуваат условите на условната казна или на пуштањето со кауција.
Премиерот истакна дека насилството врз жени „изгледа како терор во сите погледи”, и вети построги казни за злосторниците.
Организаторите на вчерашниот протестен марш ја повикаа Владата да го спроведе планот од 67 милиони долари, кој го вети минатата година, за борба против насилство врз жените. Најмалку 24 жени се убиени во Израел оваа година. Повеќето од нив претходно ја информирале полицијата дека се плашат за нивната безбедност.