Земјоделци, производители, дистрибутери на овошје и зеленчук од охридскиот регион денеска приуствуваа на презентацијата и јавната расправа за нацрт-верзијата на физибилити студијата за изградба на откупно-дистрибутивен центар во општина Охрид.
На собирот организиран од Секторот за туризам и локално-економски развој консултантската компанија „ОЗ инвест“ ги презентираше првичните наоди и анализите за оправданоста и потребата од изградба на таков центар, според локалното производството и согласно потребите како за домашниот пазар, така и за извоз.
На состабнокот заеднички е констатирана потреба за изградба на откупно-дистрибутивен центар, во насока на подобрен и организиран настап и пласман, како и задржување и зголемување на квалитетот на локалните производи. Откупно-дистрибутивниот центар ќе овозможи и организиран пласман на локалното производство во туристичко-угостителскиот сектор во Охрид, со што ќе се подобри и зголеми туристичката и гастрономска понуда на охридските угостители.
Планирано е до крајот на тековната година да биде изработена и финалната верзија на студијата, а за следната година е планирано да се подготви и основен проект со што ќе се заокружи првиот чекор кон финализирање на овој важен проект за општина Охрид.