Македонската информативна агенција-МИА се вклучи во заедничката мобилност на новински агенции од Европа против лажните вести во медиумите, во јавноста познати како “Fake News”. На меѓународна конференција во Тирана, чиј домаќин беше Албанската телеграфска агенција-АТА, ставовите на МИА беа јавно презентирани и се составен дел на стратегијата која ја подготвуваат новински агенции од Европа за справување со “Fake News”.
Проблемот со „лажни вести“ како вирус успеа да се разнесе насекаде по светот, без селекција, но со јасна намена и цели. Протокот на информации и вести во медиумите наместо да се врши врз основа на нивната точност, се почесто се случува „разни нарачатели“ јавноста да ја информираат со сервирање „лажни вести“. Затоа и не е чудно што познатата Макијавелистичка изрека „Целта ги оправдува средствата“, најчесто практикувана во политички цели, денес има вистинска „конкуренција“ во една друга исто така ефикасна мудрост – „100 пати кажана лага, станува вистина“, нагласи во своето обраќање на меѓународната конференција во Тирана, новинарот Марјан Танушевски, член на управниот одбор на МИА.
-Ние во МИА знаеме дека на граѓаните треба секојдневно да им овозможуваме добра информираност со точни и веродостојни информации. Тоа се постигнува само со професионално работење, проверени точни вести, веродостојни податоци кои треба и мора да ги овозможи професионален медиум. Професионалноста на вестите и другите медиумски производи останува да ги бранат само професионалците. Таа битка во актуелниот амбиент на наезда на он-лајн медиуми, социјални мрежи, може да ја бијат само професионалните медиуми и најмногу агенциите. Агенциите кои се непристрасни и професионални, имаат задача да влијаат за медиумска писменост на публиката, и мора да ги научат и мeдиумите и читателите дека точна вест е само таа која е проверена, официјално потврдена од институција, онаа вест која ги содржи сите засегнати страни, различните гледишта за една состојба, посочи Танушевски.
Меѓусебната соработка на агенциите, регионалното поврзување на професионалците во борбата против лажните вести, како иницијатива на МИА беше поздравена на конференцијата „Новинските агенции, наспроти Fake News”, што од 2. до 5. декември се одржа во Тирана.
-Агенциите мора да бидат столбот на професионално новинарство, на објективна информација, и мора да бидат ѕид од кој ќе се одбиваат лажните вести. Но, во Агенциите, ќе направиме или можеби веќе правиме голема грешка ако дефинираме или подразбираме дека одредена точна, вистинита вест е лажна вест, бидејќи е непожелна за јавните власти или несоодветна на уредувачките политики. МИА има отворена понуда за сите професионални новинари, отстапува простор за соработка, дава поддршка за агенциското вмрежување, но и со сите кои се на страната на професијата. Ако сакаме, а сакаме да бидеме медиуми кои уживаат висок кредибилитет, интегритет, имиџ и традиција, тогаш не смееме да прифатиме на сметка на нечии политички интереси да се откажеме од својата професионалност и вистинските вредности. Јавните укажувања, медиумскиот простор, анализи и коментари се со единствена цел да се намали интензитетот на „лажни вести“, истакна Танушевски.
Учесниците на конференцијата во Тирана се сложија дека во борбата против “Fake News” треба да се вклучи секој, да се пресретнуваат лажните вести и брзо да се отстрануваат од јавниот простор за да не влијаат негативно во јавноста.
-Новински агенции со кредибилитет може да бидат извор на енергија за борба против “Fake News”. Наш производ и понатаму треба да се непристрасни вести, точни и само точни вести затоа што пласирањето на дезинформации во јавноста и во секаков формат, всушност е намера со цел да се влијае врз вербата на луѓето, истакна Александру Гибои, генерален секретар на Европската асоцијација на новински агенции-ЕАНА и додаде дека владите треба подобро да ја разбираат работата на Агенциите.
Според Огун Дуру, уредник во турската новинска агенција АНАДОЛИЈА, “Fake News” го поткопуваат новинарството како професија, и им штетат на читателите, на публиката.
-Лажните вести не се новитет со кој се соочува светот, туку феномен кој расте и се развива со алармантна брзина. Негативните ефекти од лажни вести создадени со политички, финансиски или психолошки цели се огромни. Денес е полесно да се пишуваат лажни или „бледи“-ветви вести, и за жал тие да бидат прифатени од одредена публика која оптоварена со се и сешто во оваа дигитална ера нема време да ги проверува информациите, рече меѓудругото новинарот Дуру на конференцијата во Тирана.
Посебни обраќања на тематската конференција „Новинските агенции наспроти Fake News“ имаа и новинарот на ТАНЈУГ Маја Војиновиќ, која јавно предупреди на опасноста од лажните вести во медиумите, Олександар Карченко, генерален директор на националната новинска агенција во Украина, кој жестоко го критикуваше напливот на лажни вести кој од странство се пренесува во нивната држава, директорот на грчката АНА/МПА Михалис Псилос посочи дека агенциите од Балканот треба да водат заедничка борба против лажните вести, додека пак Лукаш Швержевски од ПАП-Полска предочи дека личните искуства секогаш треба да се споделуваат со колегите професионалци.
-Јас навистина верувам дека соработката е единствениот начин да се справиме со заканата од “Fake News”. Организирањето на прва конференција од ваков вид имаше една цел да ја зајакнеме меѓусебната соработка, да подговиме агенда и стратегија и да не дозволиме ширење на лажни вести, нагласи Армела Красниќи, директор на државната албанска агенција АТА, одличен домаќин и организатор на конференцијата во Тирана.
На маргините од тридневната конференциска средба, на претставниците на државни новински агенции од Европа, МИА ја промовираше и подари монографијата издадена по повод јубилејот 20 години од денот на формирањето, и ги претстави новитетите во производството и дистрибуција на вести во Република Македонија и странство.