Во текот на 2017 година во Куманово 267 малолетници биле упатени во Центарот за социјални работи поради престапништво. Високата бројка ги загрижува надлежните од повеќето институции, кои денеска одржаа прва работна средба и имплементација на програмата „Вештини за адолесценција“, организирана од Министерството за образование и наука, Канцеларијата на ОН за борба против криминал и дрога во соработка со општина Куманово.

– Оваа бројка е само квантитативна, а настојуваме од структурите во градот да добиеме информации на што се должи оваа појава, да одговорат зошто во континуитет во Куманово има скоро ист број на малолетничко престапништво како во Скопје, рече Миле Гиновски, криминолог, долгогодишен превентивен работник во МОН и член на државниот Совет за превенција.

Целта на денешната трибина беше преку бројки, информации за детското престапништво да се подигне нивото на знаења, свест и одговорност зошто се случува престапништвото меѓу децата.

Раковотелот на секторот за образование од општина Куманово Жика Крстевски најави дека на последната седница за оваа година на 26 декември ќе биде формиран локален совет за превенција.

– По Нова година ќе се конституира советот и ќе донесе програма за работа за надминување на овие загрижувачки состојби, рече Крстевски.

Програмата има за цел да го подигне нивото на знаења за превенцијата од насилство, меѓуврснички конфликти, злоупотреба на алкохол, дроги и психотропни супстанци, како и да ја развие социјално-емоционалната интелигенција на адолесцентите со вклучување на наставници, професори, училишни стручни тимови и родители.

Во 2016 година се евидентирани 260 малолетници кои биле упатени во Центарот за социјални работи, а 326 во 2015 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/12/2018 18:41