Активистите и советничката група на граѓанската иницијатива “Поинаку“ од Битола, денеска организираа протестен собир пред општинската зграда против аерозагадувањето, блокирајќи го сообраќајот на булеварот. На нивниот повик се оѕваа само неколку стотини битолчани, па излегува дека битолчани повеќе се плашат од власта која денеска повика на бојкот, отколку од загадениот воздух, пренесува Телевизија Алфа

– Денес протестираме само со една цел да му кажеме јасно и гласно на централната власт во Скопје дека Битола се уште постои и кога не е предизборие. Време е да им покажеме дека Битола сака да живее. Сведоци сме како Битола во последните 27 години се уназадува, уништува и умира. Доста е со празни ветувања, доста е со проектни документации и доста го трпевме лошото – рече Иван Чулаковски, активист и советник во Општината на “Поинаку“.

– Денешниот протест има една цел да го искажеме нашиот револт за она што и се случува на Битола. Податоците велат дека бројот на заболени во битола од белодробен карцином е 2,5 пати поголем од оној во Државата. Исто така, бројот на заболени деца од малигни неоплазмие загрижувачки, додека концентрацијатана ПМ- 10 честичките континуирано секој ден е над дозволеното ниво – рече Габриела Илиевска, претседател на ГИ “Поинаку“ и советник.

Советничката група “Поинаку“ вчера на седницата на Советот предложија заклучок со кој Општината ќе побара од Владата субвенционирање на струјата за битолчани, за да се намали греењето со фосилни горива и да се намали аерозагадувањето. Иако вчерашната одлука на Советот беше едногласна, советниците од СДСМ се испишманија, повикувајќи на бојкот на денешниот собир, а иницијаторите ги нарекоа лицемерни, заборавајќи дека до пред две години заедно со нив беа во првите редови на граѓанските протести.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/12/2018 04:04