Нов мост на реката Пчиња на регионалниот пат Петровец – Свети Николе ќе биде изграден во следните 15 месеци. За него ќе бидат инвестирани 950 илјади евра обезбедени од буџетот на јавното претпријатие за државни патишта.

Мостот ќе биде во должина од 135 метри и широк шест метри со две сообраќајни ленти. Ќе се градат и пристапни патишта до мостот кои ќе го поврзат со регионалниот пат.

– Овој мост е од огромно значење за сите жители на Долно, Средно и Горно Коњаре, Живиње, Милиње, Сушица, Вков, Винце, Пчиња и други населени места кои гравитираат на овој регионален пат. Ова е наше ветување и ќе го реализираме. Стариот мост на реката Пчиња е оштетен, неколку пати реконструиран, но заради одржување на безбедноста на гарѓаните и на сообраќајот, ЈП за државни патишта направи напор, изнајде средства и започна да го гради, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој денеска заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта го означија почетокот на градба.

Според директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов, за прв пат по триесетина години се гради нов мост на овој потег и тоа ќе биде најдолгиот изграден досега.

– Ќе има две ленти со широчина од 2,95 метри и два тротоари со ширина од 1 метар. Со проектот е предвидено и регулација на коритото на река Пчиња, изјави Китанов.

Во тек е и изградба и реконструкција на неколку мостови на државни патишта со вкупна вредност од 507 милиони денари, а паралелно со ова се реализираат и проекти во висина од над 800 милиони евра за изградба и реконструкција на над 290 километри патна мрежа.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/12/2018 15:51