Трендот на правење селфи фотографија и обидите да се добијат што повеќе лајкови на социјалните мрежи се актуелни не само меѓу младите, туку и меѓу повозрасните. Селфи се прави на секое место – на улица, на планина, на работа, во возило… На социјалните мрежи може да се видат и селфи фотографии направени од покривот на високи згради, планински врвови и во придружба на опасни морски животни. Но, потрагата по совршено селфи понекогаш луѓето ги чини живот, а истражувањата покажуваат дека тие може да предизвикаа зависност и психичко пореметување, па дури и оштетување на кожата.
Според Оксфордскиот речник, селфи е „фотографија на себе си, направена од себе“. Зборот „селфи“ бил збор на годината во 2013, кога и официјално бил воведен во Оксфордскиот речник. Овој вид на фотографија станува популарен благодарение на социјалните мрежи како што се Фејсбук, Инстаграм, Твитер и Снепчет.
Се повеќе луѓе гинат правејќи опасно селфи
Една студија на Американската национална медицинска библиотека покажува дека од 2011 до 2017 година загинале 259 луѓе кои се обиделе да направат совршено селфи во екстремно опасни ситуации. Загрижувачки е тоа што бројот се зголемува, па така во 2011 година биле пријавени само три случаи, а веќе во 2016 имало 98 случаи и во 2017 година 93 случаи. Скоро три четвртини од жртвите се мажи.
Според студијата, луѓето кои прават опасно селфи најчесто страдаат од паѓање од височина, од давење и во сообраќајни несреќи. Но, имало и случаи кога луѓе во обид да направат селфи починале од животни, огнено оружје и во пожари.
Во Македонија се регистрирани случаи во кои млади во обид да направат селфи од воз се здобиле со тешки телесни повреди. Во април лани загина 15-годишно момче откако качено на вагон допре електричен кабел под висок напон. Пред три години во Велес беше регистриран сличен случај кога момче се здоби со тешки телесни повреди од струен удар правејќи исто така селфи од воз. Поради ваквите случаи тогаш „Македонски железници“ започна со проект меѓу основците и средношколците „Не за селфи на воз – Вреди да живееш“.
Со цел да се намали ризикот од вакви смртни случаи, истражувачите препорачуваат да се воведат зони на опасните локации каде ќе биде забрането да се прави селфи. Така во Индија, која заедно со САД, Русија и Пакистан се државите со најмногу направени селфи со смртни последици, веќе во одделни делови е забрането сликање селфи.
И додека луѓето се подготвени да легнат на пруга додека доаѓа воз или да висат на ивица на зграда со цел да направат совршено селфи и да соберат повеќе лајкови на социјалните мрежи, психолозите предупредуваат дека правењето селфи влијае врз психичкиот развој на личноста.
– Развојот на личноста не може да се разгледува и објаснува одвоено од средината во која живее. Правењето селфи фотографии и нивното поставување на социјалните мрежи е широко распространет популарен феномен особено меѓу младите генерации во современото општество и како таков има влијание и врз развивањето, креирањето и перцепирањето на сопствената личност, појаснува проф д-р. Маријана Марковиќ од Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања при Филозофскиот факултет во Скопје.
Таа додава дека не е нова потребата да направиме одраз од самите себе кој ќе биде видлив за нас и другите и оти постои од дамнешни времиња, но споделувањето на селфи фотографиите на социјалните мрежи овозможува добивање на многу брза повратна реакција од страна на другите, која доколку е позитивна може да делува стимулативно на создавањето на позитивна слика за себе, а доколку е негативна може да го намали позитивното доживување кое го имаме за себе. Поставувањето на селфи фотографии, вели Марковиќ, стана вообичаено секојдневие и важен дел од животот па така ако не се стави селфи од одмор, тоа е идентично како и да не се било на одмор.
– Се смета дека потребата од интензивна изложеност (преку социјалните медиуми) кај младите е поврзана со идејата која доаѓа од нивните родители дека тие се посебни, единствени и уникатни и дека можат да постигнат било што, што ќе посакаат. Ова се карактеристики кои се својствени за мулениумската и постмилениумската генерација, вели проф. д-р Марковиќ.
Сепак, додава Марковиќ, треба да се направи разграничување од веќе усвоените навики повремено да се постираат слики од себе и проблематичната потреба за постојано поставување селфи фотографии. Второто поведение се именува како „селфитис“ и тој се препознава како нова форма на нарушување на менталното здравје на кое упатуваат практичарите кои работат во доменот на менталното здравје.
Потрагата по совршено селфи кај одредени личности оди до таа крајност што станува опсесија и создава нарцизам, а одредени дури ги поттикнува да се изложат и на пластични операции со цел да изгледаат поубаво. Недобивањето доволно лајкови на селфи фотографијата, предупредуваат психолозите, може да влијае и врз самодовербата на личноста.
– Сериозна зависност од правење и постирање селфи се случува кога лицето речиси опсесивно, постојано прави селфи фотографии и повеќе пати на ден ги објавува на Snapchat, Facebook или Instagram и кога таквите фотографии се уредуваат за да изгледаат подобро од реалноста. Можноста за создавање на селфи фотографии кои изгледаат поубаво од реалноста имаат негативно влијание врз прифаќањето на реалниот физички селф, па се забележуваат случаи каде младите се изложуваат на пластични операции со цел да изгледаат како на фотографијата, појаснува проф. д-р. Марковиќ.
Во случај кога ќе се забележи неможност за контрола од потребата на постојано поставување на селфи фотографии на социјалните мрежи, Марковиќ препорачува да се побара стручна помош.
Американската прихијатриска асоцијација го дели психичкото пореметување од сликањето селфи во три категории и тоа:
– неколку селфи дневно кои не се објавуваат на социјалните мрежи,
– минимум три селфи дневно кои не се објавуваат на мрежите
– шест и повеќе селфи дневно кои се објавуваат на социјалните мрежи.
Користењето мобилни и правењето селфи може да предизвика и стареење на кожата
Освен јаките ултравиолетови сончеви зраци кои се посочуваат како причина за прераното стареење на кожата и за појава на рак, се повеќе како причина се наведува и плавото светло кое го емитуваат сите лед екрани на мобилните телефони и таблети.
Оттука, и правењето селфи станува опасно бидејќи со самото доближување на мобилните телефони до лицето се зголемува опасноста од губењето на еластинот и колагенот на кожата. Екраните на мобилните телефони обично рефлектираат и штетни УВ зраци кои може да предизвикаат алергии, стареење на кожата, дури и активирање на рак.
Создавањето емоционално стабилни личности од младите и интернет писменост како превентива за заштита на личноста од негативните последици на интернет зависноста
Светот на интернет, видео игри и социјални мрежи е секојдневие од кое не можеме да избегаме и да ги изолираме своите деца, но психолозите препорачуваат родителите да му помогнат на своето дете да израсне во емоционално стабилна личност, која со одредена резерва ќе го прифаќа сето она што му се нуди во огромниот интернет простор.
– Младите се „дигитални домородци“, тие растат во дигитален свет, свет на интернет, видео игри и социјални мрежи, размислуваат за себе и за светот околу себе посредувано преку современата технологија. Постоењето на дигиталната реалност не може да се оспорува или негира, таа е присутна. Она што возрасните можат да го направат е да им помогнат на младите да развијат свесност и одговорност за поведението кое го манифестираат во виртуелниот свет, да стекнат свесност дека определено нивно „онлајн“ поведение може да предизвика емоционална повреда на некој друг во „офлајн“ светот или себе си да се стави во ситуација на потенционален ризик. Да се стимулира прифаќање на себе си и другите, да се развива чувство на совесност и одговорност за сопствените постапки, развивање на чувство за емпатија и поддршка на другите, препорачува проф. д-р Марковиќ.
Билјана Анастасова – Костиќ