Битола и францускиот град Епинал овој викенд во Епинал одбележуваат 50 години од збратимувањето.

Во рамките на прославата во Меѓуопштинската мултимедијална библиотека во Епинал беше инаугурирана изложбата „Фотографското творештво на браќата Манаки во контекст на Првата светска војна“ од авторот Роберт Јанкулоски, јавува дописникот на МИА.

Изложбата ја отворија градоначалникот на Епинал, Мишел Хајнриш и градоначалничката на Битола Наташа Петровска, во присуство на бројни гости, како и претставници од другите збратимени градови од Жамблу-Белгија, Ла Крос-САД, Кери-Италија и Нови Јичин-Чешка.

Изложбата, пред поставувањето во Епинал, претходно беше претставена на меѓународниот филмски фестивал во Нанси, а дел од неа беше претставен и во Париз во Амбасадата на Република Македонија во Франција.

Во Епинал таа ќе остане до 6 јануари 2019, во рамките на 50-годишнината од одбележувањето на збратимувањето на градот Битола со Епинал, инаку веќе еднаш беше презенирана во Меморијалниот музеј во Каен, Нормандија. Изложбата содржи 101 фотографија од браќата Манаки репродуцирани со дигитализирање и обработка на стаклените плочи кои се чуваат во Подрачното одделение на Државниот архив на Македонија во Битола.

Фотографиите се од периодот 1905 – 1936 година, а го прикажуваат животот во Битола за време на Првата светска војна, но и на француските војници кои во тој период биле таму.

Авторот Роберт Јанкулоски, професор по фотографија и директор на Македонскиот центар за фотографија, со оваа изложба го заокружи своето 20-годишното истражување на фотографското творештво на браќата Манаки.

Изаборот на изложбата од браќата Манаки се совпадна со тематиката – Фокус Балкан, и пред се Границите – кои делат или се можност за размена, посебно ако се знае нивната животна приказна.

Повторното претставување на изложбата во Франција, беше реализирано во соработка на Меѓународниот филмски фестивал од Нанси, со Амбасадата на Република Македонија во Франција, Општината Битола, НУ Завод и Музеј Битола, Македонскиот центар за фотографии, помогнато од Министерството за надворешни работи и Министерството за култура на Република Македонија.

Делегацијата од градот Битола, во која покрај градоначалничката Петрова се и престедателот на Советот Валентин Груевски и почесниот конзул на Република Франција во Битола Калиопа Кривашија-Стилиновиќ, имаше можност да го открие и новиот тотем за историјатот и географската положба на градот Битола, поставен на влезот од квартот Битола, еден од најгусто населените делови на францускиот град Епинал. Поставувањето на тотемот е со цел, локалното население да се запознае со градот Битола, чие име го носи нивниот кварт, бидејќи многумина не знаат дека тоа е град во Македонија, како што и многумина битолчани не знаат дека Епинал, не е само хотел, туку е и град во Франција.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/12/2018 02:37