Продолжува уништувањето на новопоставената урбана опрема во Македонска Каменица.
Откако во изминатите денови беа уништени над десетина млади садници од различни видови дрвја, во централното градско подрачје, сега, на мета на несовесните граѓани, како што информираат од Јавното претпијатие „Камена Река" се новопоставените тротоари, пешачки патеки и останата урбана опрема во градот. Според директорот на претпријатието, Влатко Андоновски, ваквата состојба не смее да остане неказнива.
-На повеќе места во градот видливи се уништени тротоари од „бекатон" плочки и „ивичници" од истите. Состојбата е најлоша на улиците „Самоилова" и „Гоце Делчев", каде граѓаните за плус паркинг место ги преминуваат тротоарите и паркираат во тревните површини позади нив, со што уништуваат дел од опремата и поставениот инвентар. Причинетата штета можеби не е толку голема, колку што е голема несовеснота на граѓаните кои се решаваат на ваков чекор, истакна Андоновски.
Тој побара поригорозни мерки во откривање на сторителите и нивно казнување за нивните несовесни постапки.
Од локалната самоуправа апелираат до граѓаните да престанат со ваквото однесување, во спротивно ќе следуваат санкции за сторителите. Ваквото однесување, наведуваат, не му користи на никој, напротив создава грда слика за градот и дополнително го оптеретува Буџетот на граѓаните со средствата кои ќе бидат потребни за санација.