– Општина Велес денеска спроведе акција за пошумување на ридот Вршник над Велес каде на површина од три хектари беа засадени околу 6.000 садници. Најголем дел околу 3.000 се багреми обезбедени со средства од општинскиот буџет, а помал дел 2.000 дрвца од јасен и јавор се обезбедени од ЈП „Македонски Шуми", Подружница ШС „Бабуна" од Велес.
Во акцијата учествуваа над 200 лица: вработените во Општина Велес, јавните претпријатија и други општински институции , ЈКП „Дервен", члрнови на Работнатa бригада „Кочо Рацин од Велес и Здружението „Акцијаши" од Скопје, еколошки друштва и други здруженија на граѓани, како и војници и старешини од велешкиот гарнизон на АРМ, претставици на СВР Велес и од ТППЕ и други.
Градоначалникот Аце Коцевски кој заедно со вработените на Општина Велес и дел од членовите на Советот на Општина Велес активно се вклучија во акцијата за засадување млади садници, за медиумите оцени дека акцијата била мошне успешна.
-Општина Велес после 10 години првпат организира сопствена акција за пошумување, надвор од акциите како што беа „Ден на дрвото-засади ја својата иднина". Јас сум многу задоволем, бидејќи денеска правиме убава и корисна работа и затоа упатувам благодарност до сите учесници, потенцира Коцевски,
Тој најави дека по оваа есенска акција ќе следува нова акција на пролет.
-Додека сум јас градоначалник, Општина Велес ќе прави по две годишни акции за пошумување – наесен и напролет, и тоа на сите голи ридови и други локации во и околу градот со цел да придонесеме за позелен и почист град, потенцира Коцевски.
Инаку, првично акцијата беше замислена да се изведе на ридот „Св. Илија", но поради загадувањето на воздухот од Варницата, беше пренасочена на ридот Вршник.