Загадувањето со прекумерно присуство на ПМ 10 честички во воздухот руши рекорди во Кавадарци, реагираат од групата „Еко-аларм”. Во изјава за МИА, велат дека се свесни дека за загадувањето придонесуваат повеќе фактори, како неодговорни фирми, така и несовесни поединци.

-Но, има решение за тоа. Откривање на виновниците и нивно казнување. Можеби само така ќе им дојде паметот. Инаку, нема спас од нивната непромисленост. Тие и понатаму ќе не трујат и полека ќе не убиваат, дециден е Ивица Јовановски.

Тој потсетува дека во градот и понатаму се палат сомнителни материи на отворено, при загревање на домовите се користат недозволени средства, а автомобилите се возат дури и за на кафе, во локали оддалечени на само неколку метри.

Од општина Кавадарци се категорични дека редовно патролираат и казнуваат загадувачи, но дека на несовесноста тешко и се става крај. Само синоќа, на пример, биле запалени четири контејнери во градот, од кои еден пластичен за хартија. Таквата појава била честа, кога непромислено со пепел, во контејнерите се исфрлала и жар, која подоцна пламнувала и се загадувало наоколу. Редовно интервенирала и Противпожарната единица.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/12/2018 03:59