Членовите на Хуманитарното здружение „Крепост“ од Куманово интензивно собираат донации за престојните празници. Новогодишни пакетчиња ќе бидат поделени на учениците од планинските села од општина Старо Нагоричане, на децата со интелектуална попреченост, на деца од семејства од социјален ризик.
– Наставниците од Старо Нагоричане посочија дека децата од селата Алгуња, Мглинце, Бајловце, неколку години наназад не добиваат пакетчиња. Одлучивме да организираме посета и да ги израдуваме со Дедо Мраз, изјави претседателот на „Крепост“, Христијан Георгиевски.
Хуманитарни акции во кои ќе бидат опфатени семејства од социјален ризик ќе бидат организирани и во пресрет на Божиќ. Семејствата ќе добијат прехранбени пакети и пакети со средства за хигиена.
– Бадник секој треба да го дочека достоинствено, прославувајќи го Христовото раѓање, вели Георгиевски.
Во соработка со надлежните од посебните паралелки од училиштето „Браќа Миладиновци“, “Крепост” ќе организира акции за собирање на потребни материјали за сензорна соба. Донациите ова здружение ги собира преку лични контакти на неговите членови, преку социјални мрежи. За тригодишното постоење „Крепост“ досега организирал преку 600 хуманитарни акции во Куманово и Старо Нагоричане.