Градот Епинал и Битола, кои годинава одбележаат 50 години од збратимувањето, се обврзаа со потпишување на нова Повелба да ја продолжат и продлабочуваат соработката родена под тешкото наследство од Првата светска војна. Двата градоначалници, Мишел Хајнриш на Епинал и Наташа Петровска на Битола во Епинал ставија потпис на Повелбата со која продолжува пријателството меѓу двата града, а како сведоци ги имаа претставниците на градовите Логборог од Велика Британија, Жамблу од Белгија, Ла Крос од САД, Швабишхал од Германија, Нови Јичин од Чешка и Киери од Италија, пренесува дописникот на МИА.
Пријателството и збратимувањето на двата града почна пред педесет години, на 1 август 1968 година, со оглед дека во Битола почиваат тринаесет илјади француски војници. Воспоставувањето на односите беше поттикнато од поранешниот борец на Источниот фронт, Пол Руа, на времето директор на техничките служби на градот Епинал, и градоначалникот на Епинал, Андре Арган, чиј татко Рене почива во Битола. Од тогаш соработката се развива на општествен и социјален план.
Двата градоначалници, Мишел Хајнриш и Наташа Петровска во своите говори по повод потпишувајќи на Повелбата со која двата града се обврзуваат да продолжат да работат во духот на повелбата за збратимување потпишана на 1 август 1968 година, ги истакнаа корените на збратимувањето родено во крвта и страдањето, но и постигнатото во взаемната размена.
За градоначалникот на Епинал, Мишел Хајнриш, збратимувањата се многу значајни.
„Тие дозволуваат запознавање со културите на другите, запознавање со другите земји, бидејќи благодарејќи на овие збратимувања ние ќе можеме да ја изградиме вистинската Европа. Европа во која ги споделуваме истите вредности: демократијата, взаемното почитување на нашите различности , оваа света Унија што ќе ни дозволи да го зачуваме мирот во Европа.“
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска , која ја имаше можноста заедно со својот домаќин од Епинал да го инагурира скверот Битола, во истоимената населба што се наоѓа во Епинал. Не го криеше задоволството од приемот.
„Задоволство ми е што сум тука. Она што ми останува е да посакам ова пријателство да доживее уште најмалку педесет години . Пријателството не е само формално, туку тоа носи низа активности што го оплеменуваат истото и покажуваат што значи да си подадат рака еден на друг град, односно на една на друга нација.“
Калиопа Кривашија Стилиновиќ, почесниот конзул на Република Франција во Битола, Тони Гламчевски и претходно Ѓуро Илиќ, беа наградени со највисокото одликување на градот Епинал – медалјата на градот, за нивните заслучи во одржувањето и продлабочувањето на врските меѓу двата градови.
-Искрено да кажам, за мене беше изненадување, бидејќи не очекував дека градот Епинал ќе ми додели таква значајна медалја. Многу сум среќна што денеска присуствувам на 50 годишнината, затоа што сум едно мало камче од тој мозаик на пријатлеството, вели Калиопа Кривашија -Стилиновиќ
Валентин Груевски претседателот на Советот на Општина Битола, нагласува дека прославата пред еден месец во Битола и сега во Епинал сведочат за искреноста на односите меѓу двата града.
„Педесет години е бројка што докажува дека постојат искрени пријателски намери меѓу двата града, искрени и пријателски намери меѓу раководствата и меѓу двата народи – францускиот и македонскиот народ.“
Во рамки на одбележувањето на 50-годишнината во Меѓуопштинската мултимедијална библиотека во Епинал беше отворена и изложба на „Фотографското творештво на браќата Манаки во контекст на Првата светска војна“, од авторот Роберт Јанкулоски.
Во Епинал таа ќе остане до 6 јануари 2019 година, инаку веќе еднаш беше презенирана во Меморијалниот музеј во Каен, Нормандија. Изложбата содржи 101 фотографија од браќата Манаки репродуцирани со дигитализирање и обработка на стаклените плочи што се чуваат во Подрачното одделение на Државниот архив на Македонија во Битола.
Фотографиите се од периодот 1905 – 1936 година, а го прикажуваат животот во Битола за време на Првата светска војна, но и на француските војници кои во тој период биле таму.
Авторот Роберт Јанкулоски, професор по фотографија и директор на Македонскиот центар за фотографија, со оваа изложба го заокружи своето 20-годишното истражување на фотографското творештво на браќата Манаки.
Изаборот на изложбата од браќата Манаки со совпадна со тематиката – Фокус Балкан, и пред се Границите – кои делат или се можност за размена, посебно ако се знае нивната животна приказна.
Повторното претставување на изложбата во Франција, беше реализирано во тесна соработка на Меѓународниот филмски фестивал од Нанси, со Амбасадата на Република Македонија во Франција, Општината Битола, НУ Завод и Музеј Битола, Македонскиот центар за фотографии, помогнато од Министерството за надворешни работи и Министерството за култура на Република Македонија.