Традиционалните козји сирења во Македонија се речиси изгубени, преку 90 проценти од козјото млеко се користи за производство на овчо сирење, а најбројни (иако многу малку) се фармите со по максимум пет кози.

Како што беше речено на денешната конференција „Биодиверзитет на млеко“, наместо автохтоните, се повеќе се увезуваат и одгледуваат интернационални раси кои може да го следат економското темпо. Младите генерации не го познаваат мирисот на козјо млеко, ниту се навикнати на вкусот на козјите сирења. За тоа, пак, кое козјо сирење со кое вино може да се комбинира, се уште воопшто не може да стане збор.

Учесниците на конференцијата порачаа дека традицијата мора да се зачува, а со неа и различните начини на производство, како и разноликоста на пасиштата.

– Ако се одлучиме за еднаквост на суровините, нема да ја загубиме само разновидноста, туку и автохтоните раси, традиционалните сирења, мајсторите за сирења и секако, пасиштата со што ќе се смени и животната средина, нагласи Елена Каровска од Слоу фуд Македонија.

Професорот Кочо Порчу од Факултетот за земјоделски науки и храна потенцира дека во Македонија доминираат фармите со најмногу пет кози, а речиси нема ниту една со 200 или повеќе од 200 кози.

Но, ситуацијата со традиционалните раси не е алармантна само во козарството, туку и во овчарството и краварството. Според професорот Слободен Чокревски од Факултетот за ветеринарна медицина, полека ги губиме млечните говеда, а биволите може на прсти да се набројат. – Познатиот кашкавал од Кораб веќе шест години не се произведува, сирењето „манур“ го нема на трпезите, „буламач“ има само во Малешевијата, а само неколку знаат да го произведуваат, исто како и „стриглето“ од Источна Македонија, истакна Каровска. Во меѓувреме, производителите бараат поддршка од науката, најмногу од аспект на маркетинг и промоција. Според нив, професорите се тие што треба да им предочат на потрошувачите дека традиционалните производи се здрави и дека ги запазуваат сите услови за хигиена и бебзедност на храната. Последните статистички податоци покажуваат дека кози денес се одгледуваат само во три од осумте плански региони: Источниот, Југоисточниот и Вардарскиот. Притоа, околу 70 отсто се од автохтоната раса „домашна балканска коза“, 12 отсто се „санска“, десет проценти се мелези од „алпина“, седум отсто се „алпина“, а околу четири се мелези од „санска коза“. Во светот, пак, има 875 милиони кози со околу 200 раси. Водечки континент е Азија со 540 милиони грла, а потоа се Африка со 270 милиони, Европа со 17 милиони, а Австралија и Нов Зеланд со 4,5 милиони. Од европските земји предничат Турција, Шпанија, Франција,… Конференцијата „Биодиверзитет на млеко“ ја организира Слоу фуд Македонија по повод Денот на „Тера мадре“.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/12/2018 15:05