Локалната самоуправа на Виница го планира буџетот за наредната година во висина од 102 милиони денари, што е за околу десет отсто повеќе споредено со просекот од последните три години, а во согласност со добиената одредба од Министерството за финансии.

Во вкупната сума влегуваат и 20 милиони денари, што Општина Виница ги доби од Владата за раздолжување на старите долгови.

-По подолг период во наредната година очекуваме да оствариме значителни приходи од продажба на државно градежно земјиште. Ќе понудиме парцели за индивидуално и колективно домување, а веќе имаме и заинтересирани компании кои сакаат да градат производствени капацитети. Дел од капиталните инвестиции се договорени, а една од најголемите е изградба на социјална зграда за која е изработена техничката документација и во почетокот на идната година ќе се спроведе тендерска постапка за избор на фирма што ќе ја гради, истакна градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.

Нацрт-буџетот на Општина Виница веќе помина неколку јавни расправи со преставници од месните заедници и од институциите, а идната недела на редовна седница за него ќе одлучуваат членовите на општинскиот Совет.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/12/2018 21:42