Југозападниот плански регион ги реализира сите активности во проектите за тековната година финансирани преку Програмите за регионален развој, за кои средства беа обезбедени од Буџетот на РМ.

Станува збор за три проекти со вкупна вредност од околу 27 милиони денари, пред се за изведба на енергетско-ефикасни објекти и патна инфраструктура, додека помал дел од средствата беа издвоени и за подготовка на техничка документација за потребите на 9-те општини што влегуваат во состав на Југозападниот плански регион.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи денеска беа во работна посета на општините Охрид и Дебрца, каде извршија увид во изведените работи на објектите и другата изведена инфраструктура во односните проекти изработени во партнерски однос со двете општини.

Тој истакна дека во тековната година споредбено со 2017 средствата наменети за проекти за рамномерен регионален развој биле поголеми за некаде 50 проценти, притоа нагласувајќи дека и за наредната година планирано е зголемување на тие средства за дополнителни 50 отсто.

– За идната година Министерството планира да направи евалуација на Законот за рамномерен регионален развој, со цел да се утврди колку легислативата ги постигнал предвидените цели. Веќе од почетокот на 2019 ќе отпочнеме активности за донесување десетгодишна стратегија за рамномерен регионален развој, најави министерот Фазлиу.

Фазлиу со градоначалниците Јован Стојаноски и Зоран Ногачески разговараше и за развојните можности и приоритети на споменатите единици на локална самоуправа во контекст на процесите на децентрализација и регионален развој.

Раководителот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска, појасни дека преку Програмата за регионален развој е финансирана подготовка на техничка документација за патна инфраструктура во општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани и Кичево во должина од 18 километри, потоа инфраструктурна интервенција за енергетска ефикасност на четири објекти во исто толку општини, како и доизградба на пешачка патека во Стариот дел на Охрид.

Директорот на Бирото за регионален развој Рамиз Реџепи рече дека Југозападниот плански регион е единствениот во земјата што навремено и целосно успеал да ги реализира сите активности предвидени за тековната 2018 година.

Реџепи ги повика сите региони заклучно со 15 декември да ги достават сите апликации за нови проекти предвидени за финансирање за наредната година преку Програмата за рамномерен регионален резвој, а до градоначалниците на општините да ги искористат сите можности што им стојат на располагање за финансирање проекти предвидени во рамки на државната политика за рамномерен регионален развој.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/12/2018 21:42