Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип денеска формираше мрежа за поддршка и соработка со средните училишта низ државата. Мрежата ќе има за цел да биде заедница која ќе ги зближи средното со високото образование и ќе помага во процесот на снабдување со литература и заеднички проекти.
-Една од целите е да создадеме платформа на која ќе биде поставувани учебни помагала, материјали и се што е од корист на студентите, професорите и наставниците. Потоа преку оваа соработка можеме да организираме заеднички настани и проекти. Ќе реализираме и заеднички предавања, дебати и симулирано судење. Секоја година организираме ораторска вечер. На оваа вечер, по формирање на мрежата, ќе можат да учествуваат и учениците од средните училишта, рече Олга Кошевалиска, продекан на Правниот факултет на УГД.
На денешниот настан беа присутни претставници од средните училишта кои истакнаа дека ова ќе биде од голем бенефит и за нив и нивните ученици.
-Ова е добар начин да се собереме на едно место во една организација. Тука ќе има можност да ги споделуваме своите проблеми и активности, а воедно ова е можност за перманентна соработка меѓу средното и високото образование, рече Игор Христов од средното училиште „Љупчо Сантов“ од Кочани.
Претставниците на училиштата денеска потпишаа меморандум за меѓусебна соработка. На средбата беше истакнато дека соработката е на рамноправна основа независно кој каква образовна институција репрезентира. Според организаторите оваа соработка во иднина ќе се продолжува.