Од денес започнува програмата „Инкубатор денови на младинска уметничка култура“ во организација на Интерарт културниот центар, која има за цел да придонесе за развојот на младинската уметничка сцена во Македонија.
Инкубатор програмата за култура започна со реализација во февруари, 2018 година, со поддршка од Амбасадата на Швајцарија во Македонија. Како платформа за развој на младинската уметничка сцена, Инкубатор овозможува простор млади уметници од целата земја да творат и продуцираат во три уметнички категории: современ танц, музика и визуелни уметности. Како крај на годинешната програма, со поддршка и од Министерството за култура и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Интерарт организира „Инкубатор денови на младинска уметничка култура“.
Програмата ќе се одвива во текот на декември, а започнува со Инкубатор отворените работилници кои на 10-ти, 11-ти и 12-ти декември ќе се одржат на сцената Зебра, со почеток во 18:00 часот.
Работилниците ќе бидат отворени за посетители, а во нив активно учествуваат млади уметници од повеќе градови во Македонија.
Во рамките на програмата, во Скопје ќе се изведат две премиери, „Волшебен свет“ и „Волшебен свет 2“.
Првата продукција е на Скопје танцовиот театар, со учество на студентите од Катедрата за современ танц при УГД, составена од два дела. Првиот насловен како “trashOUT” во короеграфија и режија на Анастасија Данчевска и Дејан Битровски, а вториот како „Анима“ - драфт на претстава по идеите на КарлЈунг, во кореографија и режија на Рисима Рисимкин и танчерите, музика на Тони Китановски и костими на БлагојМицевски.
Втората продукција, „Волшебен свет 2“ ќе се изведе на 16-ти декември на сцената на Македонскиот народен театар.
Инкубатор танцовиот караван е планиран низ неколку градови во Македонија, со цел да ја презентира и промовира работата на младите Инкубатор уметници, и тоа во Штип, Прилеп, Валандово и Тетово на сцените на домовите за култура, но и во неформални простори, со што ќе придонесеме за обезбедување „култура до сите и за сите“. Завршната трибина под наслов „Инкубатор – денови на младинска културна сцена“ ќе се одржи на 20-ти декември во 18:00 часот на сцената Зебра.