Општина Кочани изготви годишна програма за контрола на популацијата на бездомните кучиња, според која за нивен третман и заштита во 2019 година ќе издвои 550 илјади денари.
Оваа сума е за над 20 отсто повисока во однос на лани, при што најголем дел од парите се наменети за тековно одржување на прифатилиштето, односно за обезбедување храна, лекови и средства за дезинфекција, како и за трошоците за лицата кои ќе го вршат заловувањето.
-Според Програмата за наредната година се предвидува да се третираат околу 150 бездомни кучиња, колку што просечно годишно се идентификуваат на територијата на општината. Со оглед на тоа што локалната самоуправа нема соодветно прифатилиште за овие животни и во наредната година ќе мора да ги користи услугите на соодветна лиценцирана ветеринарна установа, истакна Александар Гицов, од одделението за заштита на животната средина на Општина Кочани. Додаде дека во Програмата е предвидено да се организираат манифестации и јавни настани за подигање на свеста на граѓаните за вдомување и одгледување на бездомните животни.
Годишната програма ќе ја реализира комуналното претпријатие „Водовод" кое има задача да спроведе постапка за јавна набавка за избор на оператор кој ќе ги извршува услугите.
Доколку на јавниот повик не се јави лиценциран оператор, Општина Кочани се задолжува договорно да ангажира двајца лиценцирани заловувачи, како и фирма што ќе ги транспортира заловените животни до институција во која ќе се изврши третирање на бездомните кучиња.