Еден возач на патничко моторно возило и еден пешак се здобиле со тешки телесни повреди, а девет лица со лесни телесни повреди во седум од вкупно 16 сообраќајни незгоди во изминатото деноноќие на подрачјето на СВР Скопје. Во девет е причинета материјална штета.
Од СВР Скопје информираат дека се санкционирани 17 возачи кои возеле со поголема брзина од дозволената со сообраќаен знак, двајца возачи кои управувале возило под дејство на алкохол, шест пред да се стекнат со право на управување на моторно возило и четворица возачи почетници.
Исклучени од сообраќај биле и пет нерегистрирани возила. Сообраќајната полиција издала 73 казни за непрописно паркирање, а со специјалното возило „пајак“ подигнати се 71 возила.
Санкционирани се и тројца возачи кои поминале крстосница на црвено светло, двајца возачи кои не дале првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, тројца за неправилно престигнување, тројца возачи за не поседување пропишана зимска опрема во возилата, 22 возачи за не носење сигурен појас и 32 за користење на мобилен телефон за време на управување моторни возила.
Одделението за Превенција при СВР Скопје денеска ќе реализира едукатини работилници во ООУ-Ѓорѓија Пулевски во општина Аеродром, со ученици од второ одделение, во рамките на сообраќајно воспитниот проект -Да ги заштитиме децата во сообраќајот.