Прилеп има поставено плоча во чест на швајцарскиот и светски реномиран писател, Никола Бувие. Во својата книга „Употребата на светот“, објавена во над 100 светски јазици, Бувие пишувал за Прилеп, а во два наврата и престојувал во градот под „Марковите кули“ и тоа во далечната 1953 и во 1995 година.

Ова беше истакнато на денешната средба на прилепскиот градоначалник Илија Јованоски со директорот на Францускиот институт во Македонија, Емануел Рембер, како и со неговиот заменик и аташе за култура, Бранко Чобанов и со заменик-амбасадорот на Швајцарија во Македонија, Стефан Томагиан.

На средбата тема беа вредностите и промоцијата на француската култура и франкофонијата не само во Прилеп, туку и во цела Македонија.

Претставниците од Францускиот институт го нагласија големиот број реализирани културни манифестации, отворени настани, изложби, со кои Институтот со години ги промовира француската култура и уметност преку сите форми, притоа оддавајќи посебно признание и значење на нашата култура во соработка со македонските институции.

На средбата беа договорени конкретни чекори за продлабочување на културната соработка преку организирање повеќе културни настани, изложби за помоција на француската култура и франкофонијата, како и книжевни средби и промоција на делата на Бувие во Прилеп во текот на идната, 2019 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2018 15:10