Нов пензионерски дом за пензионери со мали пензии беше отворен денеска во Неготино. Се работи за осум посебни станови во кои се сместени два брачни пара и шест други пензионери со ниски примања. Целиот проект е околу девет милиони денари, а е инвестиција на Здружението на пензионери од овој град.

-Пред да ги доделиме становите на наши пензионери, за кои ќе плаќаат по 1.200 денари месечно, објавивме оглас на кој можеа да учествуваат сите оние кои немаат дом, а се со минимални примања, појасни Петар Захарчев, претседател на Здружението.

Тој нагласи дека во изминатиот период континуирано имаат активности со кои се помага на оние пензионери на кои им е неопходна помош.

-Знаеме да дадеме еднократна помош за пензионери со минимални пензии, а за нив субвенционираме и половина од средствата за максимум десетдневно бањско лекување.

Освен домаќинското работење и хуманите активности, тој ги спомена и спортските, културните и забавните, со кои се трудат да го направат поубав животот за лицата во третото доба.

Неготинчани кои добија станови, изразија задоволство што добија покрив над глава и услови за достоинствен живот.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2018 15:23