Водата од водоводот во кочанското планинско село Полаки е неисправна за пиење, поради што е издадена забрана за нејзина употреба.

Според анализите на Центарот за јавно здравје од Кочани, регистрирано е зголемено присуство на бактеријата ешерихија коли, заради што е издадено предупредување оти користењето на водата може да има штетни последици по здравјето на луѓето.

Општина Кочани е задолжена да го извести населението за забраната, а од Одделението за заштита на животната средина веќе ги контактирале претставниците од месната заедница.

-Загаденост на водата е регистрирана на главниот цевковод, односно од водозафатот во месноста Китка, па се до двете планински маала Цреша и Крушка. Поради тоа итно реагиравме и на повеќе локации во селото и во Кочани поставивме писмени сооопштенија со кои им укажуваме на жителите од ова село, како и на планинари, гости и други посетители да не ја користат водата за пиење, истакна Александар Гицов од Одделението за животна средина.

Испитувањата на физичко-хемиските својства на водата во Полаки не покажале отстапувања над законски дозволеното ниво.

Од Центарот за јавно здравје препорачуваат локалниот водовод во селото да се дезинфицира со резидуален хлор од 0,2 до 0,6 милиграми на литар, по што треба да се направи уште едно испитување за исправноста на водата.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2018 15:24