Младите се повеќе треба да се фокусираат на неформалното образование со цел да се комплементира формалното. Неформалното образвоание е одлична можност да ги надополнат дупките што ги создава формалното. Ова се дел од заклучоците на денешната тркалезна маса „Со неформално образование до полесно вработување на младите“ што ја организира „Млади инфо Интернационал“ во соработка „Порака nова“ од Струга.

Според, Марјан Ицоски проектен координатор, невработеноста на младите е голема и нивниот квалитет на живот не е толку висок како во Македонија, така и во регионот. Тоа, како што посочи, е и причината што често одлучуваат да ја напуштат земјата и да бараат подобра егзистенција во странство. Честите реформи во образовниот систем последните години, смета дека не дава континуитет кај учениците и студентите.

-Затоа сметаме дека неформалното образование е таа алатка што треба да го дополни формалното образование, но и да му даде вештини и знаења кои ги бара пазарот на труд. Околу 35 проценти од младите во Македонија студираат во формално образование, не ги добиваат тие знаења и вештини кои ги бара пазарот на труд, бидејќи често има дополнителни промени и се отвараат нови позиции со развој на технологијата, со мобилноста, глобализацијата и слично, вели Ицоски.

Тој нагласи дека често добиваат забелешки како од странските, така и од домашните инвеститори дека младите што се останати во Македонија не се доволно квалификувани, во смисла дека формалното образование не им ги обезбедува тие вештини.

-Треба да има еден схолистички пристап, каде државата, невладините организации и бизнис заедницата ќе формираат дополнителни обуки за квалификации и преквалификации со цел младите да се конкурентни на пазарот на труд и да ги задоволат неговите потреби. Со тоа би се зголемила нивната вработеност и вработливост, но исто така би добиле и нешто дополнително од другата страна на образованието, смета Ицоски.

Последните истражувања, нагласи, покажуваат дека околу 77 отсто од младите сакаат да ја напушатат државата, а информациите на Светска банка говорат дека над 33 проценти од образованите млади од Македонија моментално работат надвор од државата.

– Тоа значи дека квалитетниот кадар што треба да остане тука да ги води евроинтеграциите и општеството во просперитет често се одлучува да замине надвор и да бара подобри услови за живот, изјави Ицоски додавајќи дека задолжителната пракса во образовниот систем е добра мерка, бидејќи учениците треба да добијат некое практично знаење, покрај теоретсктоо што го добиваат.

Средношколката и активист во невладиниот скетор, Ана Наумоска смета дека младите се повеќе се фокусирани кон искористување на нивното формално образование.

-Неформалното образвоание е одлична можност да ги надополнат дупките што ги создава формалното образование, да создадат повеќе вештини кои им се потребни да настапат на пазарот на труд. Тоа им помага да ги стекнат занаетите, комуникациските вештини и слично, кои на младите им помагаат да бидат квалификувани индивидуи на пазарот на трудот, истака Наумоска.

Дрени Даути од Агенција за вработување на Република Македонија смета дека образовните институции произведуваат кадар што веќе го имаме. Пазарот на труд, според него е презаситен од правници и економисти, а фалат инженери, информатичари… Тој порача средношколците да се насочуваат кон техничките струки, но да не се заборават ниту занаетите, кои смета дека се иднината на општеството.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2018 15:26