Лозарите со лозја во високата зона бараат да плаќаат исто пари за наводнување, како и оние под каналот за наводнување. Барањето го доставија и до подружницата на Водостопанство во Кавадарци.
-Овој проблем не мачи со години, нас и лозарите и овоштарите. Вода за наводнување добиваме преку пумпи на електрична енергија. За наводнување на еден декар преку систем капка по капка плаќаме по 1.610 денари, а полевање со бразда чини 1.850 денари. За разлика од нас, сопствениците на ниви под каналот за наводнување каде водата се добива по слободен пад, плаќаат 750 денари за декар. Сакаме да бидеме изедначени со нив во плаќањето на водата за полевање, ние да не плаќаме скапа вода, рече за МИА Дане Јошев.
Бараат во решавањето на овој повеќегодишен проблем да се вклучат сите надлежни фактори и ако е можно да се обезбедат субвенции, со што ќе се изедначи висината на водата за наводнување за сите, без разлика каде се наоѓаат нивните земјоделски имоти. Се со цел, како што велат, развој на земјоделството.
Меѓу барањата е и задолжувањето за плаќање за наводнување да биде според навадена површина, а не како досега, според катастарски парцели, па земјоделците плаќале и за стазите и за меѓите во нивите.