Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт до Основниот суд Скопје 1 против едно лице за криумчарење мигранти и обвинителен предлог за едно лице за помагање.

Обвинителниот акт е поднесен против возачот кое на 25 јуни годинава превезувајќи мигранти изгуби контрола над возилото и удри во метална заштитна ограда при што две лица починаа, шест се здобија со тешки, а 15 со полесни повреди. Претходно, на 22 јуни второобвинетиот му го продал своето возило „ивеко“ на првообинетиот.

– Потоа, на 25 јуни 2018 година првообвинетиот во близина на село Костурино, Струмичко, прифатил група од 23 илегални мигранти од кои 18 биле од Бангладеш и пет лица од Шри Ланка. Со намера да ги превезе до кумановско-липковскиот регион, ги сместил мигрантите во товарниот дел од возилото и иако не поседувал возачка дозвола за управување на моторно возило, се упатил во правец кон Штип, информираа од Обвинителството. Движејќи се на магистралниот пат А-4 во правец од Радовиш кон Штип, заради неприлагоденост на условите и конфигурацијата на патот, изгубил контрола над возилото и со голема брзина удрил во метална заштитна ограда. Од ударот металната ограда се скршила и го пробила возилото, навлегувајќи и во товарниот простор каде биле сместени мигрантите, се наведува во соопштението од ОЈО.

Обвинителот, се додава во соопштението, имајќи предвид дека околностите што постоеја во моментот на определување на мерката притвор, се уште постојат, достави барање до Основниот суд Скопје 1 за продолжување на мерката притвор за обвинетите.​



Автор: Администратор
Објавено на: 17/12/2018 20:28