Примирјето помеѓу јеменската Влада и Хутите во Ходеида синоќа на полноќ по локално време, стапи во сила.

Завојуваните страни во Јемен постигнаа согласност за примирје на 13 декември, по преговорите во Шведска.

Сепак, судирите во клучниот пристаништен град продолжија само неколку минути откако стапи во сила прекинот на огнот меѓу Владата и бунтовниците Хути.

– Примирјето требаше да стапи во сила минатата недела, но беше одложено поради оперативни причини, изјави официјален претставник на Обединетите нации. Тој потврди дека прекинот на огнот ќе се почитува, но додаде дека механизмите за прилагодување сé уште не се јасни и се очекува соопштение од ОН.

Пред истекот на рокот за стапување на примирјето во сила, Владата на Јемен даде наредба на својата војска во Ходеида да го прекине огнот од полноќ по локално време.

Прекинот на огнот ја опфаќа провинцијата Ал Худајда, градот Ходеида и неговото пристаниште и две други пристаништа на Црвеното Море.

Претходно, шиитските бунтовници Хуту исто така најавија дека ќе се држат до постигнатиот договор и им ги предадоа имињата на ОН на тројца свои претставници во Комитетот за координација на одржување на примирјето при Обединетите нации.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/12/2018 10:19