Кинескиот претседател Си Џининг на синоќешното одбележување на 40-годишнината од големите економски реформи, што ја драстично ја променија земјата, истакна дека Кина не сака да биде глобално доминантна, но оти никој нема да и диктира што да прави.
Благодарение на чекорите што ги презеде поранешниот лидер Денг Сјаопинг, за отворање на затворениот комунистички систем, од 1978 година до денес, Кина се трансформира во втора економска сила во светот. Четириест години подоцна се гледа економскиот успех на уникатниот кинески рецепт „Една Кина, два система“.
– Никој не може да му диктира на кинескиот народ што да прави, а што да не прави. Кина е посветена на заедничката иднина на човештвото и никогаш нема да се развива на штета на другите нации, потенцира Си.
Кина во 50-тите и 60-тите години на минатиот век беше земја на гладни, а реформите почнаа во земјоделството. Денес Кина е најголем производител, но и продавач на храна во светот, поседува најголеми резерви странска валута, приватниот сектор има слобода, а модернизираната индустрија е конкурентна на меѓународната сцена. Но, и Комунистичката партија на Кина се уште е на власт.
– Треба константно да ја унапредуваме научната природа на реформските одлуки. Мораме да бидеме истрајни како кога оставаме отпечаток од прсти врз железо или отпечаток на стапало во камен за да осигураме примена на големите реформски мерки, посочи Си.
Кина последните години се соочува со растечки долг и забавување на економскиот раст. Во царинската војна со САД, Кина е под притисок повеќе да се отвори за странски инвестиции.
Исто така, Пекинг често е мета на критики од западните медиуми дека и понатаму ги крши правата на политичките неистомисленици, како и на припадниците на етничките малцинства.