Aвтомобил бил украден од паркинг кај Транспортен центар. Како што инфомираше МВР, делото го извршиле три малолетни момчиња, од кои едното штитеник на ЈУ 25 Мај.
„На 19.12.2018 година во 08:40 часот во СВР Скопје е примена пријава од М. Ш. (36) од Скопје дека во периодот од 18.12.2018 година од 19:30 часот до 19.12.2018 година до 04:30 часот од паркинг простор кај Транспортен центар од страна на непознат сторител е одземено возило Пежо со скопски регистерски таблици, најверојатно со оригиналниот клуч, кој бил во контакт бравата на возилото. По преземени мерки и активности од страна на СВР Скопје, утврдено е дека делото го сториле 13-годишно момче- штитеник на ЈУ 25ти Мај и уште едно 13- годишно и едно десетгодишно момче. Но, момчето кое го управувало возилото околу 03 часот на бул.Илинден изгубило контрола над возилото и се превртело во канал каде се изведувале градежни работи. Трите момчиња се пренесени во ГОБ 8-ми Септември. За случајот е известен јавен обвинител од ОЈО Скопје, како и родителите на малолетниците и социјален работник. По документирање на случајот до Основното јавно обвинителство ќе биде доставен соодветен поднесок“, додаваат од МВР.