Неколку гуски и галеби се отруле од таблети што некој ги фрлил во парк на плажата Хантингтон во Калифорнија.

Локални жители сведочат дека птиците се тетерават, не можат да го држат вратот исправен и легнуваат на земја на грб. Потоа ги забележале и таблетите, па ги повикале надлежните служби за заштита на животните.

– Во нашиот центар моментно има една канадска гуска и галеб со симптоми на губење контрола на мускулите. Двете птици се добро и примаат течности за да ги исфрлат лековите од организмот. Им благодариме на оние кои помогнаа да се спасат птиците, соопштува Одделението за заштита на животните.

Птиците лапнале мешавина од антидепресиви и апчиња за срце и несоница. Сѐ уште не се знае кој ги фрлил во паркот.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/12/2018 16:25