Американскиот глумец Кевин Спејси е обвинет за сексуален напад врз малолетник, извршен во јули 2016 година во близина на Бостон. Актерот ќе се јави во суд на 7 јануари, за да ги чуе официјалните обвиненија.

Мајката на малолетникот, новинарката Хедер Aнрах, раскажува како Спејси го натерал нејзинот син да се напие, а потоа го допирал по интимните делови. Тоа го видела некоја гостинка во ресторанот, па откако Спејси заминал в тоалет, таа притрчала напомош. Момчето потоа го напуштило ресторанот.

Првично, тој не сакал да го тужи глумецот, бидејќи бил исплашен и засрамен, но откако јавноста дозна за две други обвиненија против Спејси, исто така, за сексуален напад кон мажи, мајката одлучила да поднесе тужба.

Во меѓувреме, Спејси објави свое видео под наслов „Let me be Frank“ („Дозволете ми да бидам искрен“, а Френк е и името на неговиот лик во хит серијата „Куќа од карти“). Тука тој, повторно влегувајќи во својот негативен лик, вели дека луѓето не треба да веруваат во сѐ што ќе чујат за него.

– Знам што сакате. Се обидоа да нѐ разделат, но меѓу нас има нешто силно и моќно. Ние, ти и јас ги знаеме моите најмрачни тајни. Ти покажав на што сѐ се способни луѓето, те шокирав со мојата искреност, и притоа ти поставував предизвици и те терав да се замислиш… Секој ден во мене расте вербата дека многу наскоро ти ќе ја дознаеш целата вистина, нагласува тој обраќајќи им се на следачите, односно поединечно на секој гледач на видеото.

– Ако не сум платил за она што и двајцата знаеме дека сум го направил (во улога на озлогласениот лик Френк), сигурно нема да платам за она што не сум го направил, додава Спејси.

Спејси, инаку, беше отпуштен од серијата „Куќа од карти“ по избивањето на секс скандалите.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/12/2018 16:52