Пепел кој што жител на централно градско подрачје на Куманово го фрлил во контејнер предизивика пожар на смет во камион, сопственост на ЈП „Чистота и Зеленило“ .
Утрово, кога возачот и двајцата работници ја почнале смената, собирајќи смет од улиците во центарот на Куманово, забележале дека гори сметот во камионот. Иако, се обиделе да стигнат до депонијата Краста, не успеале бидејќи сметот веќе почнал да гори. На патот кон депонијата бил истурен сметот и набргу пристигнала противпожарната единица. Директорот на претпријатието, Даниел Стојчевски, информираше дека претпријатието ќе поднесе пријава против непознат сторител до полицијата. -Вакви несовесни однесувања ги доведуваат во опасност животите на вработените. Апелирам граѓаните да внимаваат и да не истураат пепел во контејнерите. Во последно време често се палат садовите за смет, изјави Стојчевски. Причинета е материјална штета на камионот кој пред неколку години беше дел од донацијата на УНДП за јавното претпријатие.