Сите четири ски лифтови, Тетекс 1 и 2, Аеродром и Ге како и двете жичарници Свети Илија и таа на една од најатрактивните патеки Церипашина се целосно подготвени за претстојната скијачка сезона во зимскиот центар Попова Шапка информираа од Елем турс. Нивниот капацитет изнесува околу 1800 скијачи за еден час. Како новина од сезонава на сите патеки ќе има електронски ски билети со што се очекува намалување на метежот на жичниците и ски лифтовите како и манипулациите и злоуоптребите, односно скијање без платена ски карта.

Сепак недоволното снег оневозможува старт на скијачката сезона бидејќи за жал најстариот скијачки центар во Македонија не располага со опрема за вештачки снег. Надлежните од Елем Турс, кои стопанисуваат со опремата на патеките и двата хотела Попова Шапка и Славија се надеваат дека овој викенд ќе пуштат барем дел од ски лифтовите каде има најмногу снег, а доколку паднат барем уште дополнителни десеттина сантиметри најавуваат дека се ќе биде ставено во погон.

Од Елем турс не се откажуваат до крајот на јануари да ја пуштат и долгонајавуваната нова и современа шестседишница на патеката Мал Јелак. Тука останува да се постави сајлата и други поситни работи, но она што ја одолжува целата работа е таканаречениот тест период што треба да трае најмалку две недели бидејќи станува збор за полувоздушен сообраќај. Доколку ова се реализира дополнителни 2400 скијачи ќе може да уживаат на патеките на Попова Шапка.

Цените за ски билетите остануваат исти како лани односно 900 денари е дневната, а 600 денари полудневната ски карта, но има и за неколку денови или цела недела во зависност од барањата на скијачите.

Во пресрет на новогодишните празници капацитетите на Попова Шапка распродадени

Традиционално и хотелските капацитети на Попова Шапка и оние на Елем Турс и другите во приватна сопственост се целосно распродадени во пресрет на новогодишните празници.

-Хотелски капацитети на Елем Турс, хотелите Попова Шапка и Славија, со вкупно 240 легла се целосно пополнети за новогодишните празници. И за јануари имаме организирани групи што резервирал,е а особено февруари е интересен за странските гости од Србија, Албанија и Косово. Ние се трудиме што подобро да ги пречекаме сите гости, и во хотелите и на патеките нашиот персонал е подготвен да одговори на нивните барања, изјави Мирче Трпевски од Елем Турс.

-Очекуваме многу од оваа зимска сезона. Од Елем турс ни ветија дека кон крај на неделава односно претстојниот викенд ќе ја отворат и скијачката сезона на Шапка бидејќи снег има и нема. Гости имаме доста и скоро до крај на јануари се е букирано така што очекуваме добра сезона. Многу ќе ни значи доколку скијачката сезона започне пред Новата година но се знае дека без вештачки снег тешко може да се овозможи скијање, рече сопственикот на хотелот Скардус Хашим Хасани.

Дел од гостите што во моментот се на Попова Шапка се задоволни од условите и цените за скијање но сметаат дека е штета што не е започната скијачката сезона бидејќи на некои од патеките според нив има доволно снег можеби не за професионално, тука за рекреативно скијање.

И најголем дел од над 7000 викендички во викенд наслебата на Попова Шапка се резервирани за новогодишните и божиќните празници.

Она што е проблем со години во овој наш скијачки центар останува малиот број паркинг места што придонесува особено во викендите и за време на празниците автомобилите да бидат паркирани на патот неколку километри надвор од центарот што го зголемува метежот и нервозата кај постителите. И покрај повеќекратните најави во изминатите години Попова Шапка останува без посериозна инвестиција за повеќе паркинг места, нови скијачки патеки и проширена понуда за сместување и други активности освен скијањето што ќе и го врати сјајот од осумдесеттите години на минатиот век кога беше еден од најпосетуваните скијачки центри во поранешна Југославија.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/12/2018 17:24